Вечерва започнува единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје 2023. Фестивалот се отвора со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски (1980, Полска), во 20:30 часот во Музејот на современа уметност.
Раѓишевски работи интердисциплинарно, користи уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавање и за да прикаже неочекувани алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните и ретки искуства туку и ги документира и историите на различните заедници. На изложбата ќе бидат претставени неговата мултидисциплинарната и архивска практика преку периодичниот фанзин „ДИК“ кој тој го издавал и уредувал и проектот КАИ што ја претставува параинституцијата Институтот за квир-архиви која ја основал. Освен тоа ќе бидат прикажани и монументалната серијата „Галерија на портрети“ (2020 – во тек), серијата „Сида“ (2012 – во тек) презентирана преку стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики и тапети, клучното негово дело „Зумбул“ (2019-2020) и филмовите „Кишленд“ (Kiseiland, 2012) и „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021)“, велат организаторите.
Веќе следниот ден, на 2 јуни во 21 часот во МСУ, ќе се одржи перформансот „ОСУДЕНИК“ (GONER) на Малик Нашад Шарпе (UK) со уметничко име Marikiscrycrycry, чии настапи се познати по сценирањето на силна атмосфера.
„Делото претставува сензуално, напнато и застрашувачко кореографско патување во психолошките длабочини на хоророт низ кој поминува ликот на Осуденикот. Перформансот само ги навестува злоупотребата, миграцијата, отуѓувањето, припадноста, зависноста и насилноста, а примената на формалните алатки на авторството и естетиката на хоророт создава радикална визуелна уметност од маргинализирана перспектива. Делото ја испитува перцепцијата на специфичните култни наративи, каков што е возбудливиот, крвав и психолошки хорор, и тоа во контекст на црнечката хорор-традиција“, додаваат организаторите.
Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се одржува од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“.
„Викендот на гордоста е фестивал за квир култура, уметност и теорија и има за цел е да создаде простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни. Тематскиот фокус на СПВ 2023 е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Во посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, како и нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето“, додаваат организаторите.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк.