Во Кејптаун средба на министрите за надворешни работи на БРИКС

Во главниот град на Јужноафриканската Република, Кејптаун денеска се одржува средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на БРИКС, што е увертира на Самитот што ќе се одржи во август во Јоханесбург.

Јужноафриканските власти потврдија дека на состанокот присуствуваат министрите за надворешни работи на Бразил, Русија, Индија и Јужна Африка и заменик-министерот на Кина.

Не е објавена агенда за состанокот, но аналитичарите тврдат дека разговорите имаат за цел да ги продлабочат врските меѓу постојните членки и да ја разгледаат можноста за проширување на групата.

Се очекува министрите да разговараат и за Новата развојна банка на БРИКС, која престана да финансира проекти во Русија, со цел да ги почитува санкциите, изјави неименуван извор од јужноафриканското Министерство за надворешни работи.

– БРИКС се позиционира како алтернатива на Западот и како начин да се направи простор за нови сили, изјави Кобус ван Стаден од Јужноафриканскиот институт за меѓународни односи.

Во минатото, БРИКС беше сфатен како  главно симболична форма на соработка меѓу економиите во развој, но во изминатите неколку години тој доби поконкретна форма, што првично беше поттикнато од Пекинг, а потоа и од Москва од почетокот на војна во Украина во февруари 2022 година.

Претходно, лидерите на БРИКС најавија дека се отворени за прифаќање нови членки, вклучително и земјите производители на нафта. Венецуела, Аргентина, Иран, Алжир, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се на списокот на земји кои веќе официјално аплицирале за членство или пројавиле интерес.

На Самитот на БРИКС што треба да се одржи од 22 до 24 август во Јоханесбург можно е да присуствува и рускиот претседател Владимир Путин, по кого Меѓународниот кривичен суд (МКС) распиша потерница.

ЈАР, како земја-членка на МКС се соочува со притисок да го уапси Путин ако присуствува на Самитот во Јоханесбург.

Земји-членки на БРИКС се Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. 

Треба да знаете
Последни објави