Бочварски за вработувањата на сопругата и нејзината сестра не ја информирал Антикорупциска-платил казна

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска констатираше дека при вработувањето на сопругата и балдазата на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во јавна здравствена установа се запазени сите процедури, бидејќи се искористени слабостите во Законот за здравствена заштита, меѓутоа е направен прекршок согласно Законот за спречување корупција бидејќи Бочварски за конкретните вработувања не ја известил Државната комисија во рок од десет дена од денот на вработувањето. 

-Постапувајќи по конкретниот предмет не утврдивме повреда на чл. 56 од Законот за спречување на корупција, но констатирано е дека Благој Бочварски не постапил согласно член 56 став 2 од истиот закон бидејќи за конкретните вработувања не ја известил Државната комисија во рок од десет дена од денот на вработувањето. Врз основа на ова утврдивме дека е сторен прекршок, казнив по чл. 105, став 1 алинеја 14 од Законот за спречување корупција по што издадовме платни налози, беа прифатени, платните налози се платени во пропишаниот рок и во тој дел нашето постапување запре. Она што го кажав како слабост во Законот е недореченоста во чл. 164 став 2 од Законот за здравствена заштита неутврдување дополнителни критериуми за начинот на преземање, рече Катица Николовска, член на ДКСК на денешната седница.

Таа посочи дека ДКСК, постапувајќи по пријава од познат подносител ги потврдила наводите во однос на тоа дека во Клиничката болница Штип се вработени блиски лица (сопруга и сестра на сопругата) на министерот Бочварски на начин на кој се искористени слабостите во член 164 став 2 од Законот за здравствена заштита за нивно брзо вработување, иако е евидентно дека веднаш по завршување на образованието и стекнување со лиценца двете се вработени во приватна здравствена установа, од каде по кратко време се преземени во болницата.

Образложувајќи го предметот, Николовска потенцира дека како Комисија пред се се воделе според одредбите од Законот за спречување корупција каде во чл. 45 се вели „Службено лице при вршењето на својата службена должност не смее да врши влијание и да вработува блиски лица во органот каде е именуван или во органот каде врши надзор“. Друга димензија на одредбата е дека „во случај да се вработи негово блиско лице во рок од 15 дена треба да ја извести Државната комисија доколку е вработено во институција која се финансира од средствата на буџетот на Република Северна Македонија“.

Чл. 164 од Законот за здравствена заштита вели „Здравствен работник со високо образование од областа на медицината, стоматологијата или фармацијата со лиценца за работа која врши здравствена дејност во приватна здравствена установа може да биде преземен во јавната здравствена установа, доколку потребата за континуирано вршење на дејноста на јавната здравствена установа претходно ја утврдил Министерството за здравство (МЗ) и ако за тоа се согласни здравствениот работник, директорот на јавната здравствена установа во која тереба да биде преземен, МЗ и Фондот“.

-Несомнено овде сите постапки и процедури се запазени, обезбедени се сите можни согласности, меѓутоа нас тоа не стави во дилема на кој начин МЗ ја утврдува континуираната потреба од вршењето дејност, несомнено дека сите медицински институции се соочуваат со недостиг на здравствен кадар, не само од аспект на високи стручни лица, доктори, туку и од сестри, но како и да е ние упативме барање до МЗ да ни објасни на кој начин ја утврдува оваа континуирана потреба и беше доставен одговор дека Владата го задолжила Фондот за здравство во соработка со Министерството за финансии (МФ) како давач на согласности и одобрувач на средства, при доставување на барања за согласност за преземање на медицински персонал од приватни во јавни здравствени установи почнувајќи од 17.08.2022 година до МФ задолжително да доставуваат известување дека претходно се реализирани два јавни огласи во последните 12 месеци на кои немало пријавено медицински лица, а се однесуваат за работните места за кои се бараат наведените преземања, рече Николовска. 

Ова, како што посочи Николовска, изгледа многу логичен критериум на кој начин може да се постигне избор на квалитетни кадри, меѓутоа нејасно е зошто ова не е одредба во Законот, туку е укажување на Влада.

– Едноставно, утре ќе се смени Владата и законот си останува како закон, а оваа уредба може и да не се почитува. Побаравме толкување од МФ беше кажано дека тоа е направено со цел да се обезбеди поголема транспарентност во постапките за вработување во јавни здравствени установи, да се спречат евентуални злоупотреби, односно да се обезбеди потребниот стручен кадар во фер и конкурентна постапка со еднаква можност за вработување на сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат условите и тоа е се во ред доколку ова би било норма во Законот, рече Николовска.

ДКСК одлучи да го запре постапувањето по овој предмет бидејќи, како што беше посочено, ги има исцрпено сите механизми согласно Закон. Одлучено е да се отвори предмет во нивното одделение за антикорупциска проверка на легислативата и да се направи конкретна анализа на чл. 164 од Законот за здравствена заштита се со цел да се даде предлог до МЗ и до Фондот за здравство во насока да се инкорпорираат заклучоците на Владата и истите да станат одредба во истиот закон со цел утврдување појаки критериуми при преземањето на овие здравствени работници.

Министерот Благој Бочварски денеска во одговор на прашање на почетокот на изградбата на Коридорот 8 рече дека се уште не го видел ставот на ДКСК.

-Не сум го видел тој став на Комисијата, но секако кога ќе добијам некакво известување од страна на ДКСК доколку имало одредено непостапување лично од моја страна или од страна на институцијата која што ја предводам ќе постапиме согласно законот, така што сметам дека најпрво треба да добиеме некакво решение за дали имало некакво прекршување на одредена процедура од страна на Министерството за транспорт и врски или од моја лична страна па тогаш ќе постапиме, рече Бочварски.  

Треба да знаете
Последни објави