Регионалното поврзување преку Отворен Балкан дава резултати и ова е многу јасен знак дека земјите собрани околу овој договор треба уште повеќе да работат на воспоставување поцврсти врски, беше оценката на учесниците на дебатата во рамки на панелот на вториот ден од агробизнис конференцијата „Grow ap – силата на земјата“ која се одржува на Копаоник, во Србија.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во обраќањето истакна дека Северна Македонија, како и Србија, во наредниот период е фокусирана на преработувачката индустрија и финалните производи.
– Отворен Балкан треба да се базира на темата за квалитетот на производите што ќе ги пласираме на пазарот, рече Николовски, објави „Политика“.
Тој ги посочи тутунот, виното и производите од преработувачката индустрија како најважни стратешки производи кои постигнуваат рекордни извозни резултати. Како што рече, 2020 година била рекордна во трговската размена со Србија и смета дека оваа размена ќе продолжи да расте и дека треба да се поттикнат производителите да се приклучат.
– Скратени се процедурите на чекање на граничните премини, воведено е и признавање на зелените сертификати и анализи, рече Николовски.
Неговата српска колешка Јелена Танасковиќ истакна дека иницијативата Отворен Балкан покажала колку е важна и колку значи за сите, додавајќи дека оваа иницијатива ја гледа како подготовка за влез во ЕУ.
– Само трите членки кои се во оваа иницијатива, во претходниот период заштедиле повеќе од 30 милиони часови поради договорот за слободно движење и незадржување на стоката. Според проценката на Светска банка, заштедите од иницијативата „Отворен Балкан“ се околу три милијарди евра, од кои половина одат за Србија, објасни Танасковиќ и додаде дека овие бројки несомнено покажуваат што значи здружување.
Таа напомена дека Србија е нето-извозник на земјоделски производи и дека во претходниот период „првенствено бевме извозник на суровини, додека сега работиме систематски да преминеме на извоз на готови производи со додадена вредност. Во моментов работиме, додаде таа, на усогласување и потпишување на 36 нови договори за извоз на прехранбени производи.
Организатори на регионалната конференција за агробизнис на Копаоник се Министерството за земјоделство и Стопанската комора на Србија. Некои од поважните теми кои ги следеа повеќе од 300 учесници беа дигитализација на земјоделството, финансирање на земјоделството и влијанието на климатските промени врз земјоделството.