Четврти ден КФОР ги контролира зградите на четири општини на северот на Косово. Вработените во локалните самоуправи не можат да одат во канцелариите, а Србите и за денеска најавуваат мирен протест, пишува РТС.
Командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуца, коментирајќи ја интервенцијата на КФОР на северот на Република Косово, изјави дека ризикот е поврзан со тоа што премиерот Албин Курти, одлучил да продолжи со инаугурација на градоначалници во четири општини на север и покрај протестите на Србите и сомнежите на меѓународната заедница, пишува РТС.
Тој во интервју за италијанскиот весник „Република“ вели дека ситуацијата во Звечан, како и насекаде, е крајно нестабилна и може нагло да се промени за многу краток временски период.
„Тврдоглавоста на албанските локални власти да не постапуваат во согласност со укажувањата добиени од западните партнери, укажувања кои служат за олеснување на дијалогот, особено во светло на напредокот постигнат со договорите во Брисел и Охрид, во голема мера го ослабна балансот кој го имаше“, рече Ристуца.
Работници на општина Звечан утринава дошле пред зградата во 7 часот каде во книгата за евиденција на работното време се потпишале дека се уште се присутни на своите работни места, пишува Косово онлајн.
Општинската зграда е опкружена со бодликава жица и кордон на КФОР.
Како што јавува репортерот на Косово онлајн, ноќта во Звечан поминала мирно, а таква е моменталната состојба.
Покрај општинските работници, пред бодликавата жица и металната ограда поставена од војниците на КФОР полека се собираат и други граѓани, каде денеска ќе го продолжат својот мирен протест барајќи исполнување на нивните барања.