Епилогот од денешната 27. седница на Советот на Општина Битола е тоа дека ВМРО-ДПМНЕ го загуби мнозинството во Советот. Неформалниот коалициски партнер на партијата, независната листа Поинаку, која има тројца советници, гласаше против предлозите на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата, и покрај противењето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, на предлог на опозициската СДСМ се прифати на дневен ред да се стават точките за разрешување на управните и надзорните одбори во битолските јавни претпријатија.
Со мнозинство гласови беше прифатен предлогот на СДСМ на седницата да се расправа за разрешување на управните одбори на јавните претпријатија: „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“, како и на Културно-информативниот центар.
Единственото комунално претпријатие кое не се најде на списокот за разрешување на управниот и надзорниот одбор беше ЈП „Нискоградба“.
За предлогот на СДСМ гласаа тројцата советници на „Поинаку“ кои досега му го обезбедуваа мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот и двајцата советници на Левица. Ваквиот пресврт во Битолскиот совет ВМРО-ДПМНЕ го протолкува како уште едно прекршување на Деловникот и на Статутот од страна на претседателката на Советот Габриела Илиевска од Поинаку, која е во отворен судир со градоначалникот Тони Коњановски.
Таа денеска го обвини Коњановски дека наместо за граѓаните, мисли само за себе. Потврда за тоа, според неа, било тоа што на седницата општинските служби доставија барање за зголемување на неговата плата за 78 отсто.
Градоначалникот Коњановски доцна попладнево на таквите обвинувања одговори дека покачувањето на неговата плата е само спроведување на одлуката на Уставниот суд и дека тој разликата од платата која ќе ја добие со зголемувањето, ќе ја донира за хуманитарни цели.
Дали оваа нова неформална коалиција меѓу СДСМ и Поинаку ќе биде само за оваа седница на Советот или ќе продолжи и понатаму, засега не се знае.
Инаку, на денешната седница на Советот, која сѐ уште е во тек, мнозинството советници не го усвоија кварталниот извештај за буџетот на Општина Битола. По долги дискусии и неколку прекини, извештајот не доби поддршка – советничката група на СДСМ, која брои 13 советници, гласаше „против“, а 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа „за“.
Советниците на Левица и Поинаку, вкупно петмина, беа воздржани.