Во општините Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ ноќта помина мирно, а од утрово, седми ден од кризата во тие три општини на северот на Косово, граѓаните повторно се собираат барајќи повлекување на градоначалниците Албанци од општинските згради и повлекување на косовските специјални единици.
Вработените во општина Звечан и денеска се запишани во импровизиран список поставен на маса пред оградата што ја подигна Кфор, чии членови се на приодот до општинската зграда.
Парламентот во Приштина денеска ќе одржи вонредна седница на која единствена точка на дневен ред ќе биде ситуацијата на северот на Косово и Метохија.
Ова за „Репортери“ го потврди шефицата на пратеничката група на движењето „Самоопределување“ Мимоза Кусари Лила.
Вонредната седница претходно ја побараа двете опозициски партии, ПДК и ЛДК, а од премиерот Албин Курти се очекува да достави извештај за состојбата на северот. Тој го услови одржувањето на нови избори во општините на северот на Косово со завршување на, како што наведе, „насилните протести пред општините на север“ и целосна имплементација на Бриселскиот договор.
Од минатиот петок на вработените им е забрането да доаѓаат на работа во зградата на општина Звечан, каде се уште се наоѓаат специјалните единици. Помали групи граѓани во текот на ноќта имаше и во Звечан и Лепосавиќ.
КФОР се уште е распореден на главната раскрсница во Звечан, како и на останатите четири точки за да се спречи каква било провокација од страна на косовските специјални сили.