Европската унија и земјите од КВИНТА (Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство и Соединетите американски држави) договорија план од осум чекори за надминување на тензиите на северот во Косово, кои настанаа по насилниот влез на градоначалниците избрани на изборите што беа бојкотирани од Србите, пренесуваат косовските медиуми.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија водеа разговори за брзо надминување на тензичната атмосфера во северниот дел од Косово. Генералниот заклучок од ЕУ е дека Косово треба да одржи нови избори, со учество на Србите во нив и формирање Заедница на српски општини. Доколку владатаво Приштина не ги спроведе барањата од меѓунаеродната заедница би можела да се соочи со сериозни последици во односите со ЕУ. Ова било соопштено на средбата со претседателите на Србија и на Косово, Алекаснадар Вучиќ и Војса Османи, на самитот во Кишињев. Според косовските медиуми направениот план од 8 точки треба да придонесе за итна деескалација на ситуацијата во Косово.
Според првата точка потребно итно толкување на основниот договор меѓу Косово и Србија, постигнат во Охрид. Втората точка предвидува повлекување на косовските специјалци. Во точката три стои дека безбедноста во општините на северниот дел во Косово е доверена на косовската полиција, со помош на КФОР и ЕУЛЕКС. Четвртата точка предвидува прекин на сите протести и враќање на нормалниот живот. Особено значајна е точката 5 според која во средината на јули градоначалниците треба да дадат оставки, а претседателката Вјоса Османи да побара нови избори, за што вчера дала начелна согласност.
Во меѓувреме претседателот на парламентарната комисија за Косово, оцени дека Белград нема да отстапи од ЗСО.
-Она што е најважно е дека Шолц и Макрон рекоа дека Заедницата на српски општини (ЗСО) мора неодложно да се формира и тоа треба да се испреговара. Жозеп Борел треба да го закаже продолжението на тој технички дијалог, главните преговарачи да може да разговараат за ЗСО. Што се однесува до нас, не е прифатлива верзијата од почеток да се преговара за ЗСО според визијата на Курти, туку мора да биде согласно Бриселскиот договор – вели Милован Дрецун, претседател на парламентарна комисија за Косово.
Претходно косовскиот премиер Курти ги обвини српските власти за тензичната атмосфера и објасни дека верува во трајно пријателство со Западот.
-Јас тесно соработувам со меѓународниот фактор, особено со САД и ЕУ. И тие се незаменливи сојузнини, пријатели и партнери и ние ќе дадеме се од себе. Но, не ја предавам демократската република на фашистичка милиција – порача Албин Курти.
Додека се очекува целосно спласнување на тензиите, косовското МНР упати апел до граѓаните да избегнуваат преминување преку Србија и да користат алтернативни рути за патување, со цел да се избегне каков било инцидент.