Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
Тврдоглавоста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да стави вето на европската иднина на Македонија, од само нему разбирливи причини, станува загрижувачка.
Рационално објаснување нема, а во јавниот дискурс подолго време циркулира здодевната, банална и излитената фраза дека „под бугарски диктат промена на Уставот нема да има“, како и крајно суетната „ние не бевме конслутирани“. Медиумите со месеци ни ја продаваат како некаква главна вест, иако по сите новинарски узанси тоа одамна веќе не е.
За жал, очекувам дека и по лидерската средба, од Христијан Мивкоски ќе ги слушнеме истите дубиози, на „харизматски“ начин искажани, со кои мејнстрим медиумите ќе ги почнат вестите.
Тоа ти е!
А всушност вест би било кога Мицкоски би најавил дека целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи уставните измени, со кои во преамбулата ќе влезат Бугарите и уште пет други делови од народи.
Или пак ако премиерот Ковачевски ја изненади нацијата и соопшти дека со сигурност постојат доволен број одважни, самосвесни пратеници од оваа опозициска партија што заради повисок, национален интерес, ќе гласаат за промена на Уставот.
Ние на Балканот, одсекогаш сме се чуделе, но и восхитувале кога значителен број пратеници од една партија во Конгресот или во британскиот Парламент, гласа спротивно на ставот на мнозинството во партијата. Или пак кога неколкумина пратеници не се согласувале со лидерот на партијата, за кого сметале дека оди во погрешна насока, па тој морал да ги моли и убедува да гласаат онака како што тој смета дека е исправно. Но. во тоа не секогаш успевал, затоа што тие пратеници или членови на партија имале дигнитет да го бранат до крај својот став. Значи, не се плашат тие од него, туку тој од нив. Така се гради демократија во една држава. Таа почнува со демократизација прво во партијата.
Kај нас е сосема спротивно. По старо-комунистичкиот принцип партијата е државата, а лидерот е „султанот“, како што велеше една професорка, (сега за жал пратеничка во една „таква“ партија).
Ако е така, а така е, оттаму лидерот си го зема правото да формира партиски став во името на сите во партијата (и пошироко), без разлика на постоењето централни комитети, извршни одбри, претседателства и други колективни тела на партијата, по статут.
Се чини дека во една таква ситуација сега се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ, кога лидерот (и неколкумина од најтесното раководство) ја монополизира својата одлука и ја колектизвизира. Тој априори, без да биде сигурен, јавно се заканува дека никој во партијата нема да гласа спротивно на неговата волја, сведувајќи ги пратениците на послушници кои ќе бидат јавно осудени ако го сторат спротивното.
Дали тој навистина има таква моќ и дали во таа партија постојат и „други“ освен оние кои слепо му веруваат, ќе се види наскоро.
Трагедијата во вака конципирани партиски асоцијации е што политичкото „слепило“ на лидерот нужно мора да стане „визија“ за останатите во партијата. А тоа слепило многу бргу се шири со геометриска прогресија меѓу народот преку моќната медиумска машинерија која претходно веќе ја „колективизирале“ на разни начини.
На тој начин партискиот лидер станува народен водач (што е реторички исто, само преведено од англиски), но „водачот“ добива поголема литерарна и политиколошка тежина, како во култниот расказ на српскиот писател Радоје Домановиќ, „Водачот“, во кој „еден напатен народ довербата да ги избави од небиднината му ја доверува на еден буквално слеп човек кого го нарекуваат водач, кој се разбира на крајот ги води во амбис“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не само што покажува државничко слепило кога повеќе пријатели на земјава „му отвораат очи“ советувајќи го за доброто на народот, туку ги затвора и ушите и се прави глув, мислејќи дека сите тие му правеле притисок.
Каков притисок и зошто би му правеле притисок луѓе кои по природа на работите треба тој да ги притиска и моли да му ја примат земјата во ЕУ.
Се разбира, доколку тоа му е визијата за Македонија.
извор: racin.mk