Интегрален текст од прес конференција на Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство
„Олово, кадмиум и арсен, тешки метали штетни за човековото здравје се пронајдени во домат и крставица покажуваат новите извештаи на анализа направени од Државната фитосанитарна лабораторија.
Во извештаите кои стигнаа до мене се за анализа на определување на макро и микро елементи и елементи во трага, во кои е детектирано присуство на тешки метали во домат и крставица.
Во денешниве извештаи кои ги презентирам се официјални документи архивирани и потпишани од ДФЛ односно од МЗШВ во кои се констатира присуство на олово, кадмиум и арсен.
Првиот извештај се однесува на направена анализа на домат, нарачател е АХВ , примерокот е земен на 28.05.2023, а анализата е извршена на 30.05.2023 година. Она што сакам да го презентирам пред јавноста е што во оваа анализа на домат констатирано е присуство на кадмиум од максималните дозволени количини 0,05 мерни едници, во извештајот се детектирани 1,34 мерни единици. Ова е за 27 пати над дозволените количества кои што треба да ги има овој производ.
Вториот хемиски елемент, тежок метал олово согласно правилникот за максимално дозволено ниво е 0,10 мерни единици, а во овој резултат количеството на детектирано олово е 4,48 мерни единици или за 45 пати над дозволената граница.
Вториот резултат од ДФЛ се однесува на примерок од крставица, нарачател за земање примерок е АХВ, земен примерок на 28.05.2023 година, а датум на завршување на анализата е 30.05.2023 година.
Овде во овој резултат се детектирани три хемиски елементи, односно тешки метали. Првиот е арсен каде што согласно правилникот не е дозволено присуство на овој тежок метал во храната. И во резултатот е детектирано 2,0 мерни единици, што е катастрофален податок.
Вториот тежок метал е кадмиум со резултат од 0,64 мерни единици, што е за 13 пати над дозволената граница. И третиот елемент, односно тежок метал е оловото кое што е детектирано со резултат од 37,43 мерни единици што е за фрапантни 374 пати над дозволената граница.
Ситуацијата е загрижувачка и алармантна. Апелирам за внимателност од страна на граѓаните, бидејќи истите производи најверојатно веќе се пуштени во промет низ цела територија на државата, што значи дека веќе граѓаните ги консумираат.
Бабовски и Николовски го трујат сопствениот народ.
Овие метали пронајдени во доматот и крставицата можат да се акумулираат во телото со текот на времето и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.
Јавно му порачувам на Николовски и Бабовски кој деновите откако јавно обелоденив за овој скандал им испратил дописи на вработените во АХВ со кој им забранува изнесување на информации кои се од јавен интерес, дека времето за закани и уцени завршува.
Стручните лица се јасни, последиците се оловото, кадмиумот и арсенот се канцерогени и докажано е дека предизвикуваат оштетување на внатрешните органи посебно кај помладата популација. Здравјето на граѓаните е пред и над се и за него нема простор за калкулации.
Го прашуваме и ЈО кое наместо да реагира соодветно, се става во одбрана на владата на СДС, Николовски и Бабовски, како може труењето на граѓаните со тежок метал да не е предмет на јавен интерес и дали треба некој да умре, за да реагира по допрен глас?
Бабовски и Николовски мора да понесат одговорност.
За почеток, нека си поднесат неотповикливи оставки.