Битиќи: Имаме поддршка од европските пријатели, да донесеме државничка одлука, Европа е нашиот дом

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи преку видео порака ги пренесе импресиите од Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Кишињев, Молдавија, но и очекувањата на главните политички чинители во ЕУ, кои од Северна Македонија очекуваат максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав како значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.

Во продолжение неговото интегрално обраќање:

„Почитувани граѓани,

Енергетските предизвици се заеднички – наши, на регионот, на Европа.

А нивното решавање бара заеднички пристап, заедничко планирање и заеднички акции. Токму затоа се обединуваме низ механизмите како што е Европската политичка заедница – сите заедно, за да постигнеме енергетска транзиција, за да обезбедиме проширување на Унијата, за да ги одбраниме европските демократии од агресиите со кои се соочуваат.

По тој повод, чест ми е што заедно со премиерот Ковачевски учествував на Самитот на шефови на држави и влади на Европска политичка заедница која што се одржа во Кишињев во Молдавија.

Пред 47 лидери, пред најширокиот европски форум ги пренесовме нашите искуства и мерки преку кои се справувавме со енергетската криза и кои нѐ позиционираа како регионален центар на зелена енергија, но и како лидери во енергетската диверзификација и трансформација.

Средбите во Кишињев за нас беа и платформа за окрупнување и засилување на поддршката која ја добиваме од цела Европа за нашите следни чекори за членство во Европската Унија.

Макрон, Шолц, Фон Дер Лајен, Мишел, Мецола, Зеленски, Рама, Вучиќ, Милатовиќ и многу други. Сите нѝ оддаваат признание за постигнатото досега и за тоа што сме пример за земја која изолацијата ја замени со напредок.

И сега, сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа  ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.

Нашата иднина е во ЕУ, друга алтернатива немаме и нема да имаме. Ние сме во моментов на најдобриот и најбрзиот пат до она што нашиот народ го заслужува, а тоа е просперитет, благосостојба и сигурна иднина.

Европа е нашиот дом”.

Треба да знаете
Последни објави