Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Аргентинецот Лионел Меси по две сезони си заминува од редовите на францускиот шампион ПСЖ. Разделбата на Меси и ПСЖ денеска и официјално беше потврдена.
-После две сезони во ПСЖ, авантурата на Лео Меси и клубот е при крај. Клубот од срце му посакува на Лео уште многу успеси во кариерата. Пари Сен Жермен е исклучително благодарен на седумкратниот освојувач на Златната топка, освојувачот на Лигата на шампионите и двократниот шампион на Франција што ги бранеше боите на „црвено-сините“, се вели во збогувањето на францускиот шампион.
Најверните навивачи на овој клуб не се простија на соодветен начин од оваа фудбалска легенда и направија навистина незамислив потег. Тој на збогувањето доби и свирежи од париската публика. Навивачите на ПСЖ повторно покажаа непочитување кон аргентинската ѕвезда, па решија со свирежи да го испратат од „Паркот на принцовите“.
Новата дестинација на Меси засега не е потврдена. Во игра е враќање во Барселона, а се поврзува и со Ал Хилал од Саудиска Арабија кој наводно му нуди договор од 1.2 милијарда евра за две години.