Припадниците на КФОР денеска делумно ја отстранија бодликавата жица од улицата што води до општинската зграда во Звечан и пред самата зграда, но жицата остана од страната на Домот на културата, пренесува „РТ Балкан“.
Металната ограда сѐ уште не е отстранета.
Бодликава жица и метална ограда поставија припадниците на КФОР еден ден по конфликтот меѓу нивните војници и граѓаните во Звечан. КФОР сѐ уште е меѓу граѓаните што протестираат и општинските згради, каде што се стационирани припадници на специјалните единици на косовската полиција.
Денот ќе го одбележи посетата на Приштина на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Косовскиот премиер Аљбин Курти ќе се сретне вечерва со Лајчак и Ескобар, соопштија од кабинетот на Курти, додавајќи дека средбата ќе почне во 20 часот. Не се знае дали по Приштина, Лајчак и Ескобар ќе одат и на северот од Косово.
Во меѓувреме, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, потсети дека полицијата на Курти пред точно една недела ги уапси Радош Петровиќ и Душан Обреновиќ пред општината во Звечан и побара од претставниците на меѓународната заедница итна реакција и нивно ослободување.
„Фотографиите и видеата направени тој ден јасно докажуваат дека Радош и Душан биле уапсени пред какви било немири во Звечан. Очигледно е дека Курти апси и прогонува невини Срби“, истакна Петковиќ на „Твитер“ заедно со фотографии и видео од протестот на Србите во Звечан.
Србите веќе осми ден протестираат пред зградите на локалната самоуправа во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток барајќи косовските полицајци да ги напуштат општинските згради во кои влегоа насилно заедно со новоибраните градоначалници Албанци.
Во Звечан војниците на КФОР сѐ уште се распоредени на пет раскрсници и во самиот град, што беше едно од барањата на Српска листа и на насобраните Срби, за косовската полиција да не поминува во близина на насобраните граѓани и да се предизвика инцидент.
Припадниците на косовската специјална полиција сѐ уште се распоредени и на неколку места покрај главниот пат од Митровица до административниот премин Јариње. Нивното повлекување од северот на Косово е еден од условите за враќање на Србите во институциите во Приштина.