Гостувајќи во штипската ТВ Стар, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски говореше за активностите на МВР во врска со борбата против корупцијата.
„Корупцијата е таа којашто ги јаде работните места, инфраструктурните проекти, парите од Буџетот што сите ние ги даваме преку даноци и учествуваме во полнењето на Буџетот. Борбата против корупција е топ 1 приоритет”, рече министерот Спасовски, притоа споделувајќи статистика во врска со резултатите на МВР во делот на сузбивањето на корупцијата.
„Годинава, за овие 5 месеци, имаме 36 кривични дела за корупција. Најбројни се „злоупотреба на службена положба и овластување”, со коруптивни елементи, такви имаме 19. Имаме „несовесно работење во служба” 8, „примање поткуп” 4, „давање поткуп” 3, и по 1 кривично дело „перење пари” и други приноси од казниво дело и „поттикнување во врска со злоупотреба на службена положба и овластување”. По преземени мерки кривично се пријавени 67 сторители и причинета штета некаде од 80,3 милиони денари”, истакна министерот Спасовски.
Потенцирајќи дека ако се погледне наназад како расте бројот на кривични дела кои се откриени, сумата којашто е штета во делот на коруптивни влијанија, од година во година се зголемува.
„2021 година сме имале 149 милиони денари штета во однос на корупцијата, 2022 имаме 227 милиони денари штета. Оваа година за неполни 5 месеци имаме 80,3 милиони штета, тоа покажува дека се зголемување веќе процентот на откривачката дејност и соработката со граѓаните. Минатата година имаме за 50% зголемување на откривачка дејност. Што покажува тоа? Не само насоченост на МВР кон борбата против корупција, туку генерално резултати од подигањето на јавната свест во којашто граѓаните веќе се охрабруваат и пријавуваат коруптивни влијанија. Тоа е многу важно, затоа говорев за партнерство меѓу полицијата и граѓаните”, рече министерот Спасовски.
Потсетувајќи на пријавени лица кои се вклучени во коруптивни влијаниа во јавни претпријатија, во фондови, агенции, локална самоуправа, министерот Спасовски рече:
„Минатата недела во еден ден имавме два случаи на корупција, на примање поткуп. Едно во АД Водостопанство, а второто во Армија на Република Северна Македонија. Два случаи кои граѓаните ги пријавија и одработивме веднаш”, истакна министерот Спасовски.
Министерот Спасовски нагласи дека МВР има и антикорупциска програма за вработените во МВР.
„Вие не може да се борите против корупцијата ако во сопствените редови имате луѓе коишто практикуваат таков начин на криминално дејствување. Затоа ние од самиот почеток од 2017 година кога ги започнавме реформите во системот, започнавме не само со јакнење на интегритетот на полициските службеници преку јакнење на службата за внатрешна контрола и професионални стандарди, туку создадовме надворешен механизам на контрола на полицијата. Тоа е во рамките на Народниот правобранител, посебно одделение кое се нарекува Полициски омбудсман и се грижи за заштита на правата на граѓаните тогаш кога тие ќе бидат повредени од полициски службеници. Парелелно во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се формираше посебно одделение кое исклучиво ги процесуира предметите кои се однесуваат на полициските службеници кои на било кој начин ја злоупотребиле својата позиција која ја имаат. Во тој дел најважна работа е да нема селективност и пристрасност. Без разлика на тоа дали сме колеги, дали е функционер, дали е било каков носител на фунцкија или граѓанин, да бидеме еднакви пред законот. Тоа го бараат граѓаните”, рече Спасовски, додавајќи дека е важно да се има опрема за полициските службеници.
„Набавката на дигитални радари, набавка на радари за ноќно снимање кои за прв пат се набавија во Република Северна Македонија, набавката на дигиталните дрегери за алкотестирање, тоа се апарати коишто се вмрежени во еден софтвер и којшто не може да ги избришат никако податоците. До највисоко ниво во МВР можеме да извршиме контрола: тој полициските службеник бил на контрола денеска, колку возила пречекориле брзина, дали се издадени платни налози или не. Не може во ниту еден момент да биде ниту еден амнестиран. Пред неколку дена имавме кривична пријава за командир на полициска станица во Виница кој се дрзнал да злоупотреби сопствена положба и на некој да му овозможи да помине на технички преглед. Сето тоа мора и ќе биде санкционирано во секое време”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој упати апел до граѓаните:
„Јас апелирам до секој еден граѓанин, секој еден службеник, функционер, носител на одредена позиција, ако од било кои причини за остварување на било кое право на граѓаните се дрзне да бара било каков поткуп, или било каква услуга веднаш да се пријави во полиција, да соработуваме и таквите лица да носат одговорност. Само заеднички да се спротивставиме на корупцијата и кон оние кои придонесуваат кон недовербата на државниот апарат”, подвлече Спасовски.