И денеска Србите се собираат во близина на зградите на локалната самоуправа на северот на Косово, каде што се спречени да работат откако специјалните сили на косовската полиција ги окупираа тие згради. Кфор се уште се наоѓа во непосредна близина на општинската зграда и на сите приоди кон Звечан.
Србите упорно бараат претседателите на општините кои се Албанци да не влегуваат во службените згради, специјалните полицајци да ги напуштат, а уапсените Радош Петровиќ и Душан Обреновиќ да бидат ослободени, јавува РТС.
Со апел за мир, повеќе од 160 интелектуалци – Срби од цело Косово, се обратија до меѓународната заедница да употреби итни мерки за запирање на понатамошната ескалација на насилството и создавање услови за мир.
За да се смири ситуацијата, Европската унија и САД бараат од Приштина да се одржат нови избори, учество на Србите на нив и формирање на Заедница на српски општини.
Исто така, Белата куќа го повика Белград да ги повлече вооружените сили распоредени во близина на административната линија и да го намали нивото на борбена готовност, а Приштина да им дозволи на новоизбраните претседатели на општините да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од општински згради.
Командантот на КФОР Ангело Микеле Ристуца го критикуваше Аљбин Курти за назначувањето албански градоначалници на северот на Косово и рече дека мисијата на НАТО не може да се користи како чадор за еднострани акции и дека без неа северот на Косово ќе биде „уште едно жариште на војната“.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека првиот конвој турски специјални сили пристигна на Косово.
„Првиот конвој командоси на нашиот баталјон од 65-та механизирана пешадиска бригада, кој ќе служи во Косово, го заврши својот трансфер во Косово. Им посакуваме добри и успешни мисии на нашите херојски војници во Косово, за зачувување на мирот и спокојството“, се вели во соопштението на турското Министерство на Твитер.