„Очигледно е дека овој процес на уставни измени нема да пројде и треба да знаеме што понатаму. Во најмала рака доколку имаме ваква неодговорна власт и понатаму тогаш нас ни следи и политичка криза понатаму со сите свои реперкусии”, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски во вечерашната дебатна емисија „Топ Тема” на Телевизија Телма.
Тој додаде дека овој парламентарен состав ниту има мандат, ниту има кредибилитет да одлучува по однос на ваков тип на уставни измени особено не во вакви услови под бугарски диктат.
Јаревски посочи дека оваа неодговорна власт не турна во овој проблем, не е само прашањето за промена на уставот туку тука се и протоколите и земените обврски кои не може да ги исполниме.
„Проблемот е многу поголем, од една страна се вели дека имаме потреба за евроинтеграции а од друга страна проблеми со иселувањето. Нормално дека имаме иселување кога оваа власт направи такви услови за да ние правиме чекори наназад а не нанапред”, кажа Јаревски.
Тој посочи дека домашните задачи се повеќе и повеќе се таложат. Ние не правиме чекори нанапред туку континуирано стагнираме и уназадуваме со оваа власт.
„Имаме работа со сосед кој има дефинирана стратегија 150 години и 150 години негирање на македонскиот идентитет, јазик и народ”, изјави Јаревски.
Јаревски истакна дека кога станува збор за националните интереси ВМРО-ДПМНЕ секогаш стои на браникот и за ваков тип на прашање треба да се излезе на избори и да се прашаат граѓаните.
„Потребен е јасен, конкретен и прецизен план. Генерално планот наш со кои ќе излеземе пред граѓаните е прво да бидат заштитени сите наши национални идентитетски прашања, културни обележја и слично. Вториот дел економско – социјален пакет и третиот дел во делот на македонската посебност”, дециден е Јаревски.