Американската војска објави видео од, како што го нарече, небезбедниот кинески маневар во Тајванскиот теснец за време на викендот, во кој брод на кинеската морнарица нагло му го пресекол патот на американски разорувач, принудувајќи го американскиот брод да забави за да избегне судир, пренесува „Гардијан“.
Инцидентот се случил во саботата додека американскиот разорувач УСС Чунг-Хун и канадската фрегата ХМЦС Монтреал вршеле т.н. транзит на слобода на навигација низ теснецот меѓу Тајван и континентална Кина.
Кина тврди дека автономниот остров Тајван е дел од нејзината територија и дека теснецот е дел од нејзината ексклузивна економска зона, додека САД и нивните сојузници редовно пловат и летаат преку преминот за да го истакнат својот став дека водите се меѓународни.
За време на саботниот транзит, кинескиот воен брод со наведувана ракета го престигнал УСС Чунг-Хун од неговата лева страна, а потоа скршнал пред него на растојание од околу 140 метри, тврди американската Индопацифичка команда.
Американскиот разорувач го задржал својот курс, но ја намалил брзината на 10 јазли за да избегне судир, соопшти војската.
На видеото објавено во понеделникот се гледа како кинескиот брод му го пресекува патот на американскиот разорувач, а потоа се исправа и почнува да плови паралелно со него.
https://abcnews.go.com/video/embed?id=99814599
Индопацифичката команда вели дека со своите маневри, кинескиот брод ги ги прекршил поморските правила за безбедно пловење во меѓународни води.
Кинескиот брод не се обидел со сличен маневар врз канадската фрегата, која пловела зад американскиот разорувач.
„Транзитот на Чунг-Хун и Монтреал низ тајванскиот теснец ја покажува комбинираната американско-канадска посветеност на слободен и отворен Индо-Пацифик.Американската војска лета, плови и работи безбедно и одговорно секаде каде што ѝ дозволува меѓународното право“, велат од Индопацифичката команда.
САД неодамна ја обвинија Кина за непотребно агресивен маневар во воздух кога кинески борбен авион Ј-16 кон крајот на минатиот месец летал директно пред носот на американски извидувачки авион над Јужното Кинеско Море.
Блиските средби ја зголемија загриженоста за можна несреќа што може да доведе до ескалација меѓу војските на двете земји во време кога тензиите во регионот се веќе високи.
Инцидентот во тајванскиот теснец се случи истиот ден кога американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, и кинескиот министер за одбрана, генерал Ли Шангфу, беа во Сингапур на годишна конференција за одбрана.
Ли во неделата посочи дека САД и нивните сојузници ја создале опасноста со нивните патроли и дека имале намера да ја испровоцираат Кина. Остин го поканил Ли на разговор на маргините на конференцијата, но Ли го одбил.