Социјалдемократската партија денеска го повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, итно да ја информира јавноста дали е вистина дека на средба со своите соработници рекол дека ако биде убиен, неговиот брат ќе остане зад нго, а ако неговиот брат е убиен, дека неговите деца ќе останат зад него и дека нивните гробови „ќе се борат против усташите“.
„Сметаме дека граѓаните на Србија треба веднаш да знаат дали се точни овие наводи на режимските медиуми, пред се поради злоупотреба на деца, а потоа и поради наводите за изјави во кои Вучиќ се позиционирал како човек на чело на династија, а не држава“, се нагласува во соопштението на СДС.
Претседателот на СДС, Борис Тадиќ, рече дека ваквите изјави се особено скандалозни во време кога Србија се соочува со страшен масакр во кој беа убиени деца во основно училиште, по што следеше ескалација на насилството во земјата.
„Тврдењата за убивање деца се несоодветни и опасни во секое време, а во овој момент оставаат особено горчлив вкус. Затоа е потребно Вучиќ веднаш да ја извести јавноста дали овие наводи се точни“, посочи Тадиќ.
Тој додаде дека дури и Вучиќ да ги негира тие обвинувања, никој во земјата на „тотално контролираните медиуми не може да верува дека медиумите на режимот би се осмелиле да објават вакво нешто без негова дозвола“.
„Крајно е загрижувачки што режимските медиуми објавуваат вакви изјави во време кога граѓаните на Србија се борат против насилството, бидејќи таквите изјави само ги зголемуваат тензиите во општеството и ја вознемируваат јавноста“, рече Тадиќ.
Тој додаде дека „не е јасно за какви усташи се зборува во таа изјава и кого тој нарекува усташи“ и дека „апсолутно не е нормално претседателот на државата да се обраќа на овој начин и да зборува како да е претставник на наследна монархија, а не претседател на републиката“.
„Крајно ненормално е да се каже или да се нареди објавување на наводни изјави дека гробовите на децата ќе се борат со неговите политички противници. А особено е ненормално и морбидно да се зборува за детски гробови во вакво време“, нагласи Тадиќ.