Условна казна добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарто во модулнарата болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубуја 14 луѓе. Судот одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им се утврдува казна затвор од по една година и шест месеци. Им се изрекува условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице се осудува на парична казна во висина од еден милион денари која треба да се плати 30 дена по правосилност на пресудат.
– Обвинетите Флорин Бесими, Артан Етеми, ЈЗУ Клиничка болница Тетово виновни се затоа што во временскиот период од 14 април 2021 до 8 септември 2021 во Модуларната болница, не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето и пациентите болни од Ковид-19. Иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии и друга против пожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати на денот на пуштање на употреба на модуларна болница па се до настанување на пожарот не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар иако не биле свесни за можноста од настапување на штетна последица. Иако според околности биле должни и можеле да бидат свесни дека може да настапи штетна последица, па како резултат на нивното непостапување на ден 8.9.2021 околу 21 часот како последица на настанатата куса врска од прегревање на кабел, наведено е во пресудата која беше прочитана денес во Основниот суд во Тетово.
Судијата Јордан Велковски образложи дека пресудата е донесена врз основа на изведени докази на главна расправа и фактите кои произлегуваат од тие докази. Тој потенцираше дека обвинетите не се обвинети за предизвикување на пожарот, а според него, обвинителниот предлог со ниту едно дејствие не ги обвинува обвинетите дека тие придонеле за пожарот. Единствено за што се обвинети е за непоставување на противпожарни апарати.
Според судијата, за обвинетиот д-р Бобан Вучевски, Обвинителството надвор од разумно сомневање не докажало дека го сторил кривично дело. Болницата е ослободена затоа што дејствието е поврзано со дејствието на одговорното лице и не може посебно болницата да се суди.
По завршување на судењето д-р Бобан Вучевски изрази благодарност за поддршката на граѓаните кои пред секое рочиште имаа мирни протести.
– Голема благодарност за сите роднини и пријатели што беа со мене и не дозволија во ниту еден момент да останам сам. Благодарност на адвокатскиот тим, што цело време ме поддржуваше и ми даваше сила, да можеме да го спроведеме овој процес како што треба. Јас како докторот сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас, рече Вучевски.
Поранешниот директор Флорин Бесими рече дека не ја разбира пресуда.
– Не ми е јасно како ме поврзуваат со модуларна болница, нити сум изведувач, ниту сум бил надзор, ниту сум ја примил модуларната болница, што постои во дел од документите дека не сум бил потписник. Само знам дека се обвинувам за ПП апарати дали имало или немало тоа во текот на судскиот процес го докажаа сведоците. Мене ми останува да се спротивставам на пресудата и да го барам моето право во повисоки судските институции, истакна Бесими.
Второобвинетиот Артан Етеми не беше присутен на изрекувањето на пресудата. Во пожарот на 8 септември 2021 година 14 луѓе ги загубија животите во пожарот во модуларната болница.