Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната трибина насловена како „Развојни политики за стабилна економија” се осврна на економската ситуација во моментов.
„Ние економистите многу често го споменуваме БДП како показател за вкупната економска активност или велиме тоа значи колку е успешна една економија и го споредуваме со земјите од регионот. Клучно е да видиме што е тоа што влијае на БДП. Постојат различни методи на пресметка и еден од нив е дека БДП зависи од личната потрошувачка, јавната потрошувачка, инвестициите и ефектите извозот и увозот. Личната потрошувачка е она што ние го трошиме, а тоа што го трошиме оди преку платите. Платите ги исплаќа приватен сектор, државни претпријатија и јавна администрација. Јавната потрошувачка е трошокот кој го прави државата и имаме тековни расходи кои се за едно секојдневно работење плати, пензии субвенции трансфери и другиот дел се капиталните инвестиции”, објасни Димитриеска Кочоска.
Клучното е, додаде таа, да се полни буџетот, а за тоа важно е што работи приватниот сектор, затоа што буџетот го полнат даноци.
„За да има поуспешна економија потребен е подобар приватен сектор, повеќе инвестиции, но емпириски е докажано кога државата правилно ги насочува своите инвестиции тогаш и приватниот сектор се охрабрува инвестира, има можност за повисоки плати, а не реална вредност онаа 35 илјади денари. Тоа е само математика на власта, бидејќи со таа плата не можете да купите ни половина од претходно”, посочи таа.
Според Димитриеска Кочоска како власта ги троши парите на капиталните инвестиции е клучно и да споредиме да видиме што правела претходната власт, а што оваа.
„Ако погледнеме ќе видиме дека периодот од 2007 до 2017 година вкупните капитални инвестиции и расходи во буџетот биле 3 милијарди евра, додека пак буџетскиот дефицит или задолжувањето за да може да се финансира буџетот биле 2 милијарди и 400, значи 600 милиони евра од даноците на граѓаните претходната Влада со правилно менаџирање успеала да ги насочи кон капиталните инвестиции. Е сега 2018 -2022 година состојбата е многу поразлична, имаме вкупни капитални инвестиции од 1 милијарда и 600 милиони евра во исто време буџетски дефицит од две милијарди и петстотини милиони евра, или тоа значи дека државата позајмува за да може да исплати плати и тековно работење, односно тоа е првиот сигнал дека недомаќински управува со буџетот и веќе тука се и првите сигнали дека имаме извор на корупција и криминал во буџетот и на договорните услуги”, рече Димитриеска Кочоска.
Но, додаде таа, она што повеќе мачи е структурата на капиталните расходи.
„Ако погледнеме во минат период на претходната влада ќе видиме дека во вкупните капитални расходи најголемиот процент повеќе од 55 проценти бил на инфраструктура и градежништво за разлика од тоа оваа власт има 35 проценти од вкупните капитални расходи на инфрастуктура и градежни работи. Има уште една работа, а тоа се нефинансиски вложувања. Претходната влада за истите имала 4,5 проценти од вкупните инвестиции, а оваа влада стигна до над 36 проценти. Низ практичен пример ќе видиме каде завршуваат парите на граѓаните. На 28 април се носи Одлука со кој Владата прави трансфер на пари кон ЕСМ, тие пари во одлуката се наменети капитални инвестиции, но во истата одлука стои ЕСМ парите ќе ги троши за купување јаглен, мазут и се она за да има производство. Ова значи парите се користат за тековно работење, не за инвестиции. Во исто време имаме лажирање на финансиски извештаи и поради ова не можеме да ги видиме ништо прецизно”, рече Димитриеска Кочоска.
Таа нагласи дека ова е сериозна сериозна манипулација и некој ќе одговара.
“Исто ние збориме за кориор 8 и 10 д и имаме пенали од 53 милиони евра и повторно лажирање зошто се евидентираат како капитални инвестиции, а нема да има ни 100 метри од автопатот”, рече таа.