Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во видеообраќање од Бечиќи каде присуствува на состанокот на министри за ЕУ по повод завршувањето на претседавањето на Црна Гора со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и преземањето на претседателството од македонска страна, порача дека од наша страна ќе бидат испорачани резултати, но бара и ЕУ да испорача членство во догледно време.
– Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покажи дека не само со зборови, туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време, вели Маричиќ.
Тој нагласи дека на денешниот состанок на министрите за ЕУ на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Бечиќи е испратена јасна порака дека Западниот Балкан предолго очекува извесна европска перспектива, со јасна временска рамка за идно проширување на ЕУ.
– Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покажи дека не само со зборови, туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време, истакна Маричиќ во видеообраќањето.
Преземањето на претседавањето на Северна Македонија со Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, како еден од главните форуми за регионален дијалог, како што посочува вицепремиерот Маричиќ, е додадена вредност за нашата посветеност на градење општество засновано на демократски вредности и економски просперитет со јасна визија за иднината на регионот како целосно интегриран во Европската унија.
– За време на претседавањето Северна Македонија ќе остане силно посветена на унапредување на нашата регионална економска соработка и инфраструктурно поврзување, владеење на правото, човековите права и функционирање на демократските институции. Потребна ни е политичка волја и одговорност од сите политички субјекти да продолжиме да напредуваме во преговорите со ЕУ и за македонските граѓани да испорачаме подобар животен стандард, а за државата економски раст. Членството на Западен Балкан во ЕУ, без сомнеж, е инвестиција во европскиот мир и безбедност, со заедничка акција да го направиме достижно и реално, нагласува Маричиќ.
Денеска во Бечиќи се одржуваат состаноци на министрите за ЕУ и за надворешни работи, како активности со кои завршува претседавањето на Црна Гора со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, кое Северна Македонија официјално го презема од 1 јули.