Длабока загриженост за ситуацијата во Косово има кај специјалниот претставник на ЕУ

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска изјави дека е длабоко загрижен за ситуацијата на северот од Косово и повторно повика на смиреност, предвремени избори и враќање на дијалогот меѓу двете страни.

Лајчак синоќа заедно со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, разговараше со косовскиот премиер Аљбин Курти и со првиот вицепремиер, Бесник Бисљими.

„Ние сме длабоко загрижени за ситуацијата на северот и повикуваме на итна деескалација на теренот, предвремени избори со учество на косовските Срби и враќање на дијалогот за нормализација на односите“, напиша Лајчак на „Твитер“.

На средбата со европските и американските емисари Курти изразил безрезервна подготвеност и непоколеблива добра волја за интензивен и заеднички ангажман за деескалација на ситуацијата и нормализација на односите, соопшти претходно денеска косовската влада.

Како што се наведува во соопштението на владата на Косово, на средбата биле разменети мислења за состојбите и последните случувања, идеи за деескалација на северот и итноста од спроведување на основниот договор и на анексот за имплементација.

Лајчак и Ескобар на косовскиот премиер му претставија предлог од три точки за излез од кризата на северот од Косово, првата е деескалација на ситуацијата, втората е брзи избори на север и третата е враќање на дијалогот за нормализација.

Треба да знаете
Последни објави