Финскиот мултимилионер Андерс Вајклеф (76) е казнет со 121.000 евра поради пребрзо возење, бидејќи ја надминал дозволената брзина за 30 километри на час. Во Финска казните се изрекуваат според приходите на сторителот, но и врз основа на претходни прекршоци.
Вајклиф пред „Ниа Аланд“, весник од Оландските Острови, автономен фински регион во Балтичкото Море, кажал дека му е жал и дека почнал да успорува, но претпоставува дека тоа не се случило доволно брзо.
Вајклиф, претседател и основач на холдинг-компанијата чии годишни приходи се 350 милиони евра, рече дека ограничувањето на брзината наеднаш се променило од 70 км/ч на 50 км/ч, додека возел 82 км/ч.
Казните за сообраќајни прекршоци во Финска се засноваат на тежината на прекршокот и приходите на прекршителот, кои полицијата може веднаш да ги провери телефонски со поврзување со централната база на податоци за даночните обврзници.
Тоа што Вајклиф претходно беше казнет двапати поради пребрзо возење беше отежната околност. Му е одземена и возачката дозвола на 10 дена.
Бизнисменот, по кого е именуван „Вајклиф холдинг арената“, главниот стадион на островот во регионалната престолнина Марихам, беше казнет со 63.680 евра во 2018 година, пет години откако беше казнет со 95.000 евра за истиот прекршок.
Финска изрекува казни за низа прекршоци, а казните се прогресивни, што значи дека колку е поголем приходот на сторителот, толку е поголема казната.
Швајцарија, која користи сличен систем на казни, се смета дека ја изрече највисоката сообраќајна казна – 3.600 франци дневно за 300 дена, или околу 1,1 милион евра, на шведски возач фатен вози со 290 километри на час меѓу Берн и Лозана.