Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети општина Кавадарци во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот”.
Во СОУ Гимназија „Добри Даскалов” од Кавадарци, претседателот Пендаровски проследи настап на училишниот оркестар што го освои првото место на натпревар на хорови, оркестри и бендови од средните училишта, неодамна одржан во Валандово. Претседателот упати честитки до членовите на оркестарот за ова високо признание, изразувајќи увереност дека нивната висока мотивираност и силен музички потенцијал несомнено ќе ги однесе кон значителни успеси во иднина.
За време на посетата на кавадаречката гимназија претседателот се сретна со Мајкл Георгиевски, ученик со бројни награди и признанија во областа на природно математичките науки, со Блаже Игнатовски, ученик правобранител, кој заедно со неговите заменици Данка Стојкова и Филип Попов се грижи за заштита и остварување на ученичките права во рамки на образовниот процес. На средбата беше нагласена важноста на нивната функција во навременото нотирање евентуални неправилности во интерните односи меѓу соучениците, како одредени облици на дискриминација, говор на омраза или врсничко насилство.
За време на престојот во Кавадарци претседателот Пендаровски го посети „351 Студио”, еден од брендовите на македонската компанија „Скај Ај Ентертејмент”, која за безмалку една деценија изработила над 3800 уникатни видео решенија, соработувајќи со светски познати музички имиња и најголемите издавачки куќи како Ворнер Мјузик, Универзал Мјузик и Сони Мјузик. Претседателот Пендаровски изрази задоволство што креативноста на овие млади луѓе се препознава и вреднува во светски рамки, особено имајќи ја предвид силната конкуренција и динамичниот развој на оваа индустрија.
Во месноста Моклиште, во пресрет на одбележувањето на 80 години од масакрот во Ваташа, претседателот Пендаровски оддаде почит положувајќи свежо цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои беа убиени на 16 јуни 1943 година.