Министерката за одбрана Славјанка Петровска при посетата на Националната гарда на Вермонт и полигонот Итан Ален, во изјава за Телма ја истакна важноста на партнерството помеѓу припадниците на Армијата и на Националната гарда, за кое рече дека е исклучително важно за меѓусебната помош и соработката која дава резултати.
„Придобивките секој ден ги гледаме, она што мене особено ме радува се впечатоците кои ги споделуваат припадниците и на македонската Армија и на Националната гарда на Вермонт. Бројните обуки, споделувањето на искуство и знаење и она што е најважно, заедничкото учество во различни видови на мисии и операции, како и сè почестите заеднички вежби покажуваат во суштина дека го оправдуваме тоа што зборуваме, а тоа е дека станува збор за партнерство“, рече министерката.
Петровска информираше дека Армијата и Националната гарда работат на неколку исклучително важни проекти меѓу кои и развојот на Криволак, нашиот најголем и најважен полигон за обука.