Вечерва, 8 јуни во 21 часот во КПЦ „Центар – Јадро”, ќе се отвори самостојната изложба „Еластично насилство” на Јован Јосифовски која нуди поинаква перспектива на чинот, последиците и асоцијацијата на семејното и физичкото насилство врз квир мажите кај кои изразувањето на сексуалната ориентација и ненормативниот родов израз се видливи уште од рана возраст.
Како референца во своите дела, Јосифовски ги користи насилните ситуации кои датираат од неговото детство. Тој е дипломиран графичар кој главно работи со колажи, цртежи и практики на архивирање. Неговите колоритни и директни колажи обработуваат политички, религиски теми, и целат кон провокација и протест. Во процесот на уметничко истражување поврзано со подготовката на оваа изложба, тој собира искуства од двајца постари геј мажи кои анонимно ги раскажуваат своите приказни, со што се обидува да воспостави трансгенерациски релации како критички контрапункт на хомонормативните идеали на младоста, од една страна, и на линеарните наративи за прогрес кои гледаат со срам на минатите искуства на плакарот и „назадните чувства” специфични за овие историски искуствата. Во рамки на изложбата, различни предмети, се преуредени во просторот на тој начин што создаваат облак на асоцијации со цел да се создаде афективна атмосфера која ја евоцира негативната конотација на предметите. Инсталацијата создава простор преку кој предметите се истакнуваат во физичкиот свет со своите нови улоги, доминирајќи го простор во кој нема нити место нити желба за нешто повеќе. Предметите стануваат фрагмент врзан за искуството на сопствената сексуалност, за казната, за релациите, за влијанието, за сѐ она добро што можело да се случи, а не се случило.
Веќе следниот ден, на 9 јуни во 21 часот во Музејот на современа уметност ќе се одржи dragON forever – третиот и последен дел од кореографската трилогија dragON на STEAM ROOM. dragON forever претставува концепт за вечноста. Во dragON forever, музиката е моторот врз основа на кој изведувачите танцуваат кореографиран простор со огромно кинетичко влијание.
STEAM ROOM е уметнички тим што твори во областа на кореографијата и танцот, основан од Александар Георгиев-Аце, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас, тројца кореографи/танчари активни на локалната и на меѓународната сцена. Нивната трилогија ги истражува практиките на дрегот од танцова и кореографска перспектива со цел да се постави следното прашање: На кој начин можат танцот и кореографијата да бидат дрег?
Првите две дела, dragON aka PONY и dragON aka PHOENIX, беа инспирирани и обработуваа две специфични практики на дрег, балската култура и интерактивната практика на навредување (reading). Сега, во dragON forever се проучува уште една историска дрег-практика: липсинкањето (lip synch). Се истражува иницијалната каписла во меѓупросторот создаден меѓу песната и самото пеење, односно меѓу мимицираното пеење и мимиката на песната. Делото се интересира за тоа дали може да се танцува во рамките на тој меѓупростор и како би изгледала една липсинк кореографија.