Курти: Косово и Србија имаат договор што мора да го исполнат

Косово и Србија имаат договор за нормализација на односите што мора да го спроведат, изјави косовскиот премиер Албин Курти на конференцијата „Европска Хрватска: ретроспектива и перспектива“ денес во Дубровник.

Во последните немири во Косово на крајот на мај беа повредени десетици мировници на НАТО и српски демонстранти од северот на Косово. Немирите се случија откако косовските власти поставија градоначалници етнички Албанци во општинските канцеларии. Градоначалниците беа избрани врз основа на излезност од само 3,5 отсто, откако мнозинството Срби во тој регион ги бојкотираа локалните избори.

Денес Курти истакна дека Косово „мора да се справи со насилните екстремисти, ултра-националистите, десничарите кои веруваат во „српскиот свет“ исто како со рускиот свет, тоа се луѓе кои му се восхитуваат на Милошевиќ или Путин“.

САД и ЕУ го повикаа Курти оваа недела да ги отстрани градоначалниците од функцијата како и специјалните полициски единици кои помогнаа да се инсталираат во северните општини.

Косовскиот премиер рече дека на Косово му е „потребно е владеење на правото и датум за избори“ и додаде дека во меѓувреме Косово може да го намали присуството на специјални полициски единици доколку „насилните екстремисти“ престанат со немирите.

„Мислам дека тоа е патот напред, заедно со интензивен дијалог за спроведување на договорот и имаме договор што треба да го спроведеме“, рече Курти. Во март Косово и Србија се договорија за спроведување на договорот со ЕУ за нормализација на односите, што де факто ќе донесе взаемно признавање, но српскиот претседател Александар Вучиќ одби да го потпише.

„Тоа е големо достигнување на ЕУ. Дојдовме до ситуација Косово и Србија конечно да постигнат договор за нормализација“, додаде Курти.

Курти учествува на конференцијата „Европска Хрватска: ретроспектива и перспектива“ што ја организира хрватскиот европратеник Тонин Пицула во Дубровник.

Косовскиот премиер во Дубровник изјави дека „Европската унија е најважниот проект за мир и просперитет од Втората светска војна“ и дека се приклучил на дијалогот со Србија бидејќи бил „организиран од Европската унија, што го олеснува тој разговор“.

Ако Косово сака да се приближи до ЕУ и НАТО, ќе мора да им даде поголема автономија на општините со мнозинско српско население, изјави во вторник американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Треба да знаете
Последни објави