Димитриевски на радарот на Реал Мадрид

Добрите партии во Ла Лига изминатава сезона не поминаа незабележани за Столе Димитриевски и уште на почетокот на трансфер-периодот се појави неверојатна можнност – трансфер во Реал Мадрид.

Според пишувањето на „Ас“, Димитриевски е еден од тројцата кандидати за нов голман на Реал Мадрид, резерва на неприкосновениот Тибо Куртоа. Досегашната втора опција, Украинецот Андриј Лунин најавил дека дефинитивно ќе си оди во потрага по повеќе минута, имајќи предвид дека во последниве три сезони одиграл скромни 1.590 минути.

Раководството на Реал како прв „пик“ го има чуварот на мрежата на Хетафе, Давид Сорија. Тој има 30 години и беше на голот на Хетафе во сите 38 меча во сезоната која помина обезбедувајќи „чиста мрежа“ 14 пати. Сепак, она што е најважно поврзано со Сорија е дека потекнува од школата на Реал Мадрид и веќе минал низ системот на кралскиот клуб.

Згора на тоа, „Ас“ како предност ги истакнува добрите односи меѓу Реал и Хетафе и веќе воспоставените трансфер-релации. Реал бил подготвен да плати 12 милиони евра за Сорија, со што ќе ја задоволи неговата откупна клаузула, но имајќи предвид дека и Хетафе сака да откупи фудбалер кој веќе играше таму на позајмица (Хуанми Латаса), таа сума би била уште помала.

Наводно, Флорентино Перес и Анхел Томас, раководните лица на клубот, ќе се состанеле идната недела за да го договорат овој потег. Ако не успее намерата со Сорија, добри се шансите на Димитриевски да дојде на „Сантјаго Бернабеу“.

„На Македонецот од Рајо договорот му завршува во 2024 година, што значајно би ја спуштило неговата цена, а тој беше стандарден цела сезона, играјќи преку 3.000 минути“, пишува „Ас“.

Третата опција е голманот на Еспањол, Фернандо Пачеко.

Треба да знаете
Последни објави