Клучното прашање на кое Ковачевски треба да одговори и без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ, потребен е јасен и недвосмислен одговор пред било каков друг чекор, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по вечерашните седници на Извршниот и Централниот одбор.
Откако Ковачевски кажа дека на лидерската средба нема договор, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, сега направи партиски состанок за кој разговара за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што Македонија има пишман премиер и тоа што главната комуникација оди преку јавни препукувања говори за тоа во каква атмосфера се носат важни одлуки.
– Уставни измени какви што понуди СДСМ под бугарски диктат не се прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ не е прифатливо членство во ЕУ и заштита на националниот идентитет. Она што беше понудено од претседателот Мицкоски е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што дополнуваат, понудени се два предлога.
-Првиот преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ, вториот избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата. Клучното прашање на кое Ковачевски треба да одговори и без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ? Потребен е јасен и недвосмислен одговор пред каков било друг чекор, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Централниот одбор на СДСМ вечерва донесе одлука за формирање работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори околу уставните измени.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска информираше дека ЦО оценил дека е добро што на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент, како и дека го поздравуваат, како што рече, првиот чекор што го направил Мицкоски со прифаќањето на уставните измени.