Ковачевски: Лидерската покажа дијаметрално променето мислење за уставните измени на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Централниот и Извршниот одбор на СДСМ ги свикал за да го информира партиското раководство за она што се случувало на лидерската и дијаметрално променетото мислење за уставните измени на опозициската партија.

-Лидерската средба покажа дека има дијаметрално променето мислење на партијата ВМРО-ДПМНЕ искажана преку јавната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на самата прес-конференција, што дава нова динамика на политичката сцена во државата. Сметам дека за тоа треба да бидат информирани и ИО и ЦО на СДСМ, исто како што пред лидерската средба, знаете дека имав состанок и на ИО и ЦО и со коалициските партнери, на кои средби информирав во однос на наредните чекори кои се однесуваат на исполнување на оваа наша обврска, вели Ковачевски во интервју за „360 степени, кое ќе се емитува вечерва од 22:15 часот на ТВ Алсат.

Премиерот посочува дека не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени. Сите, наведува Ковачевски, се прифатени, вклучително и влада без ДУИ.

На ИО и ЦО, информира Ковачевски, ќе бидат презентирани сите детали кои јавно беа соопштение на прес-конференцијата бидејќи не би се сложил со констатацијата дека предлозите се одбиени. -Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што, сите барања се исполнети, вели Ковачевски.

На констатацијата дека не е мала разликата во тоа што ДУИ вели оти е подготвена да не биде во Владата, но откако ќе бидат изгласани и уставните измени ќе стапат во сила, а условот на ВМРО-ДПМНЕ е да се гласаат уставните измени, но влегувањето во сила да биде одложено до влезот на земјава во ЕУ, премиерот е оптимист. Тој вели дека со промената на ставот на опозициската партија не постои најголемата разлика.

-Прво, најголема разлика, која веќе не постои, беше обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот и.т.н. на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог беше таа реторика, за после лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став, кој е јавно искажан и уште еднаш на телевизиско интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со што веќе не постои – според ВМРО-ДПМНЕ, а никогаш не ни постоела таа опасност, вели премиерот.

Треба да знаете
Последни објави