Најдобриот фудбалер на светот, Аргентинецот Лионел Меси го избра клубот на Бекам, Интер Мајами, а не клубот на неговиот живот, Барселона, за следна дестинација во кариерата. Тој истакна дека повеќе од сѐ сака да се врати во Барселона, но се откажа од тоа кога сфати дека Барса сѐ уште е во многу тешка финансиска ситуација. Поточно, клубот ќе мора да отпушти играчи поради неговото враќање, а да им ги намали платите на оние што ќе останат.
Тој вели дека никогаш не разговарал за финансиските услови за неговото враќање со Барселона и дека парите му се најмалку важни. Откри и дека многу често зборувал за Барселона со тренерот и поранешен соиграч Чави, а со претседателот Жоан Лапорта разговарал само еднаш. Но, потоа жестоко ја обвини Барселона.
„Не сум сигурен дека Барселона направи сѐ што можеше за да ме врати, искрено. Знам само што ми кажа Чави. Тој ме сакаше многу, но тој не одлучува. Сигурен сум дека има луѓе во клубот кои не сакаат да се вратам во Барса и кои мислат дека тоа би било негативно за клубот“, изјави Меси за „Мундо Депортиво“.
Меси ја напушти Барселона во летото 2021 година по 21 година во клубот за кој одигра 778 натпревари, постигна 672 гола и забележа 303 асистенции. Ниту тој, ниту клубот не сакаа, но беа принудени поради катастрофалната финансиска состојба. Меси горко плачеше при заминувањето од Барселона.