Трофејниот шпански фудбалски стратег Пеп Гвардиола испиша нова страница во спортската историја, бидејќи стана прв тренер кој двапати освоил „триплета“. По онаа во 2009 година со шпанската Барселона, Пеп тој подвиг го репризираше и со Манчестер сити, откако ја освои за првата титула за англискиот премиерлигаш во Лигата на шампионите со што ги обедини трите најважни трофеи во една сезонава.
По финалето, Гвардиола беше смирен и даде коментар во свој стил. Тој нагласи дека е претешко да се освои трофејот во елитното клупско натпреварување.
-Уморен сум, смирен и задоволен од резултатот. Овој трофеј е е*ено тешко да се освои. Не можеше поинаку до ваков успех. Интер одигра многу добро, навистина беа квалитетни. Во првото полувреме се мачевме, за разлика од претходното финале сега беше 0-0 и не губевме. На крајот од денот, потребно е и малку среќа. Едерсон на крајот одбрани или Лукаку промаши, можеше да биде нерешено. Ова натпреварување е како фрлање на паричка. Го имавме моментумот по освојувањето на ПЛ и ФА Купот, а сега и во Истанбул. Работите за нас се променија по Мундијалот. Тимот почна да игра подобро и успеавме на крајот. Уште не размислуваме на следната сезона. Голем дел од овие играчи треба за некој ден да одат со репрезентациите, тоа нема смисла. ФИФА и УЕФА мора да се замислат, премногу е“, изјави Пеп.
Манчестер сити ја заврши сезоната триумфално. Клубот го забележа најголемиот успех во историјата со освојувањето на Лигата на шампионите, но и обединувајќи ги титулите во Премиер лигата и ФА Купот.