Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денес во општината се сретнал со претставници на Хотам, угостителскиот еснаф, туристички агенции, туроператори, СВР Охрид и претставници на стручните служби на Општина Охрид, поради состојбата со затворениот влез во градот и пренасочувањето на сообраќајот по стариот пат за Струга во пресрет на туристичката сезона.
„Ги посочив реакции на граѓаните и воопшто на сите засегнати од оваа одлука. Дополнително истакнав дека е добро едногласно да се испрати барање, односно замолница до Владата и Министерството за транспорт и врски за одложување на градежните работи на оваа делница и тие да продолжат од септември или октомври, имајќи предвид дека не се работи за последните километри од автопатот, па така градежните активности може да се пренасочат на други точки“, предлага Пецаков.
Тој кажа дека неговиот став наишол на одобрување кај присутните, и сите учесници го потпишале барањето кое ќе биде испратено до Владата и Министерството.
Тие сметаат дека во пресрет на почетокот на летната туристичка сезона, да се затвори главниот приод кон Охрид е погубна одлука бидејќи со тоа значајно ќе се намали бројот на гости кои што ќе престојуваат во Охрид, имајќи предвид дека тој пат води и до Охридскиот аеродром.
Со ваквата одлука, наведува Пецаков, голем број на семејства чија главна егзистенција е туризмот, ќе останат без приходи. Тука истотака се создава проблем и кај хотелиерите бидејќи постои веројатност веќе закажаните резервации да ги откажат и тие да останат без приход.
Имајќи предвид дека изминатите неколку години беа тешки години за туризмот и турстичките работници, додава градоначалникот, ова би значело крах на туристичкиот сектор во Охрид, а воедно и во Македонија.
Се додава и дека преоптоварувањето на стариот локален пат Охрид – Струга, создава поблем и за возилата за специјална намена брза помош, полицијата и противпожарните возила.
Токму на тој пат е лоцирана Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ која што е регионална. Се созава проблем и кај родителите кои своите деца мора да ги носат за терапија или итни прегледи на Детското одделение во Општата болница во Струга. Истотака се создава проблем и за ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид, каде за успешно лекување на пациентите потребна е брза реакција, додаде градоначалникот на Охрид.