Заеднички хумани проекти и соработка за подобра иднина предвидува потпишаниот Меморандум за соработка меѓу најпознатите хуманитарни организации Ротари и Лајонси во земјата. Вчера во Битола, актуелните и идните гувернери на Ротари дистриктот 1912 Северна Македонија и Словенија и Лајонс дистриктот 132 Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се дефинираат основите на идни заеднички проекти за доброто на заедницата. Сите гувернери се согласија дека соработката ќе овозможи посветла иднина за сите граѓани.
За актуелниот гувернер на Ротари Дистрикт 1912 Северна Македонија и Словенија, Раде Христовски, „потпишувањето на Меморандумот е само почеток на нашата заедничка соработка на проекти кои ќе влијаат и ќе придонесат кон подобрување на животот на граѓаните во нашата заедница. Последниве години Ротари Интернационал и Лајон Интернационал веќе потпишаа договор за соработка и широко ги отворија вратите за почнување соработка и на ниво на Дистрикти и на ниво на клубови. Со оглед на тоа дека и двете организации имаат еднаква мисија и речиси еднакви цели, нормално е и потребно е да ја прошириме нашата соработка и со лајоните од нашата држава, да се подобруваме лично и да го подобруваме квалитетот на живеење во земјата“.
Со ова се согласува и Гоце Бурзевски, актуелен гувернер на Сојузот на лајонс клубови Дистрикт 132, кој вели дека хуманизмот не познава граници. „Затоа и многу одамна постоеше желба за соработка со други хуманитарни организации. Сега оваа желба се оствари и ќе соработуваме со нашите колеги – ротаријанци кои се исто така афирмирани во светот на хуманоста. Во оваа смисла, ние како лајони сме среќни што и формално остваруваме соработка и сум сигурен дека говорејќи со јазикот на хуманизмот, ќе најдеме многу заеднички точки на разбирање за да реализираме успешни проекти во интерес на заедницата“.
Меморандумот предвидува и формирање акциона група во која ќе членуваат по двајца претставници од сојузите на лајони и од ротари во земјата.
Бети Деловска, иден гувернер на Сојузот на лајонс клубови Дистрикт 132, верува дека заедно ќе се остварат многу успешни проекти и кои ќе и служат на заедницата. „Ние сме хуманитарни организации кои го стават своето време, пари и хуманост во подобрување на животот на заедницата. Заедно со ротаријанците ќе оствариме проекти кои ќе имаат поголемо влијание во средината во која живееме. Апелирам кон ова големо семејство на хумани луѓе да се вклучат и други граѓани кои сакаат и можат да помогнат и да го олесниме секојдневното живеење на нашите сограѓани“.
На потпишувањето на Меморандумот,идниот гувернер на Ротари Дистрикт 1912 Северна Македонија и Словенија, Андреј Божиќ објасни дека Меморандумот за соработка е израз на нашата желба да ја реализираме визијата за подобар свет преку заеднички вредности. „Ја потврдува нашата решеност да работиме со интегритет и почит, да обезбедиме еднакви можности за сите и да се залагаме за правичност и етичко однесување. Ќе градиме мостови на пријателство кои ќе ги зајакнат нашите меѓусебни односи и ќе овозможат заеднички да се соочиме со предизвиците на современото општество. Со овој потпис, ние во ротари заедницата, сме посветени на создавање простор кој е пријателски настроен кон различностите. Сакаме место каде што ги цениме и почитуваме сите поединци, без разлика на нивното потекло“.