Турска граната рано утринава погоди возило во северна Сирија, при што загина руски војник, а неколкумина беа повредени, објавија медиумите и воен набљудувач.
Денешниот напад е дел од конфликтот меѓу курдските борци поддржани од САД и турските војници во северна Сирија, во кој во изминатите неколку дена беа убиени неколку Курди.
Руската армија, сириската Влада и турските власти се уште не ја коментираат акцијата од утринава.
Турското Министерство за одбрана денеска соопшти дека како одговор на минофрлачки напад врз турски цели, убиени се најмалку 12 осомничени членови на вооружената група на сириските Курди Единици за заштита на народот.
Министерството на Твитер објави дека членовите на целната група синоќа го нападнале подрачјето на базата Џибрин во северна Сирија и регионот во јужна Турција, но не предизвикале никаква штета.
Турската армија уби најмалку седум осомничени екстремисти во одмазднички напади вчера и петмина денеска, соопшти Министерството.
Русија се приклучи на војната во Сирија во 2015 година, започнувајќи воздушни напади против сириската вооружена опозиција и помагајќи им на сириските владини сили да преземат контрола над поголемиот дел од земјата.
Во 12-годишниот конфликт во Сирија загинаа околу половина милион луѓе, а половина од предвоеното население во земјата од 23 милиони е раселено.