„СВАДБАТА НА ФИГАРО” од МОЦАРТ на Малата сцена на НОБ

НЕСЕКОЈДНЕВНА КОМБИНАЦИЈА НА ВРВНО МЕЃУНАРОДНО ОПЕРСКО ИСКУСТВО И МЛАДОСТ НА СЦЕНАТА НА НОБ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА „БАЛКАН ОПЕРА СТУДИО”

На Малата сцена на Националната опера и балет на 14 јуни (среда) од 20 часот, „Балкан опера студио”  во копродукција со Оперското студио при Театарот на Литванската национална опера и балет и нашиот оркестар „Профундис” под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ ќе ја изведат омилената опера од Моцарт, „Свадбата на Фигаро”.

                    Изминатиов период исклучителна екипа составена од врвни професионалци и млади надежи работеше на поставката на ова оперско дело. Режијата и продукцијата се на Љупка Јакимовска и Дамјан Попоски, музичкиот директор на Оперското студио при Литванската национална опера и балет Раминта Лапсатис ќе настапи на чембало, а соработник на пијано е Јанинка Невчева. Насловниот лик му е доверен на Јонас Сакалаускас, а нему на сцената ќе му се придружат Емилија Финагејеваите, Невен Силјановски, Јулија Каралиунаите, Силвија Плешке, Миндаугас Мишкинис, Лауринас Аксамитас, Мартина Мокшецкаите и Марко Димовски, додека во улогата на грофицата Алмавива, како специјална гостинка, ќе настапи првенката на Литванската опера,  Јоана Гедминтаите.

                  Влезот за ова исклучително македонско-литванско-хрватско оперско искуство е слободен (согласно капацитетот на салата), а организаторот „Балкан опера студио” им се заблагодарува на Националната опера и балетдиректорот Васо Ристов и уметничкиот раководител на Операта, Дејан Прошев за соработката и поддршката.

Треба да знаете
Последни објави