Три недели по смртта на Мемет Камбер, кој почина без лични документи, телото сè уште не е предадено кај роднините за да биде достојно погребано.
Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ ги повика сите политички и административни фактори до среда, 14 јуни, да ја разрешат оваа состојба и да овозможат достоен погреб на починатиот. Во спротивно „Ромалитико“ најави дека в петок ќе организира протест пред Собранието, институција од која исто така се очекува да ги донесе сите потребни измени на законите за во иднина да не ни се повторат вакви случаи.
„Ромалитико“ уште еднаш апелира дека е време е да се извршат промени во Законот за личната карта и во Законот за пријавување живеалиште и престојувалиште и да им се даде можност на лицата што немаат свој дом да може да извадат лична карта.
Покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментно постојат и лица што не може да си ја обноват личната карта и за кои исто така треба да постои решение, велат од здружението.
Остварувањето на здравствената заштита е човеково право, а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човековото право.
„Ромалитико“ апелира на итно формирање работна група во Владата, која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи.