„Јас немам информации за таков контакт што вели СДСМ. Јасно е дека овие прашања треба да се решаваат на повисоко ниво, а не со јавување на некој телефон во партијата”, истакна Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот” на Сител телевизија.
„Денес го слушам министерот за надворешни работи каде вели дека бара верификација на имотите на политичарите, а јас не гледам каква врска има тоа со уставните измени”, рече Клековски.
Тој укажа дека тоа Османи што го говори е за дефокус од предлозите што беа посочени од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што е заедничко на двете барања на ВМРО-ДПМНЕ е ДУИ да не биде дел од Владата. И тоа не е дефокус”, заклучи тој.
Клековски рече дека Владата од се ќе се откаже но од власта нема да се откаже.
„Ако се откажуваат од сето ова што го кажуваат, зошто не одиме на избори и нема веќе да бидат ниту премиери, ниту вицепремиери, ниту министри”, нагласи Клековски.
Клековски посочи дека владата кога и да оди на избори ќе изгуби од граѓаните. Граѓаните веќе не веруваат на оваа Влада.
-На ВМРО-ДПМНЕ не му за премиер, вицепремиер, министри, едноставно прашањето е како да обезбедиме доволно гаранции за заштита на националното достоинство и обезбедување на сигурен пат до ЕУ без понатамошни услови, вели тој.
Тој посочи дека постојано ни викаат уште овој пат, но видовме како промената на името не не внесе во ЕУ и дека нема преговори.
– Имаме ново вето и ни викаат ајде уште овој пат. Меѓутоа немаме никакви гаранции дека бугарската влада со нивното сегашно однесувањето, со сегашната поставеност дека нема да се соочиме со следна блокада кога ќе дојде условот дека за ако сакаме да продолжиме понатаму мора да се согласиме дека цела плејада кои се мит во Македонија да имаат бугарски идентитет. Покрај гаранциите од големите држави, бараме и Бугарија да направи мал чекор, а тоа е да примени од пресудите на Судот од Стразбур за Македонците. Со политичка волја да одиме понатаму, рече Клековски.
Клековски посочи дека откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта, планот е да со добро владеење и резултати ја направи Македонија поатрактивна за членство во ЕУ, односно да се подобрат фундаменталните работи во земјава.
– Треба да бидеме глуви и слепи да не слушаме што искрените коментатори странски зборуваат за Македонија. Тие не зборуваат за Бугарите, туку за корупција, за кршење на владеење на правот, за криминал и еден куп други ситуации, гледате како бесрамно се однесуваат во Судски совет. Во овој момент имаме слаба преговарачка позиција затоа што сме лош кандидат затоа што не ги исполнуваме фундаменталните работи, истакна Клековски.
Клековски појасни дека за промените и реформите ни е потребно одговорно лидерство, не ни треба почеток на преговори за ние самите да се смениме.
Мора да покажеме дека сакаме да расчистиме со клиентелизам, корупција, криминал, без тоа ќе имаме слаби преговарачки позиции. Земја која ја корумпирана како сега никој не ја сака внатре и ќе се измислуваат нови услови, потенцираше Клековски.