Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, по какофонијата што настана во врска со исходот од лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, излезе со став дека не коментира внатрешни дискусии, додека, за уставните измени, потенцира дека се јасни заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ, посочија дека чекаат одговор од СДСМ кој од нивните два предлози е прифатлив, а од СДСМ, пак, очекуваат опозициската партија да се приклучи, односно да остане во процесот со номинирање претставници во работна група, за да продолжи дијалогот за уставни измени.
-Не коментираме внатрешни дискусии. Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 се јасни. Со цел да се заврши оваа фаза на отворање на пристапните преговори, Советот, исто така, одлучи, како што е наведено во заклучоците на Советот од јули 2022 година, да свика уште една меѓувладина конференција со цел да се претстави рамката за преговори и состојбата на подготвителните работи од страна на Европската комисија и е подготвена да ја одржи без дополнителни одложувања, ниту дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, се вели во ставот на Делегацијата на ЕУ.
Премиерот Ковачевски вчера кажа дека сега треба да се оди кон примена на договореното и јавно кажаното на прес-конференцијата по лидерската средба за уставните измени, а не кон толкување, како што рече, „што некој сакал да каже, бидејќи тоа што беше разговарано беше и кажано“.
Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Богданци, Ковачевски повтори дека „ВМРО-ДПМНЕ прифатиле уставни измени“ и оцени дека „демантирањето или излегувањето од она што било договорено и кажано на прес-конференцијата по лидерската средба би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница“.
-Како државнотворна партија која секогаш ги носела најтешките и најголемите одлуки за државата му даваме шанса на ВМРО-ДПМНЕ првпат да учествува во носење одлука од којашто зависи остварување стратешка цел за државата. Сега останува на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон процесот, односно да остане во процесот, бидејќи демантирањето или излегувањето од она што беше договорено и искажано на прес-конференцијата сметам дека би било големо разочарување како за граѓаните, така и за меѓународната заедница која навистина овој пат сака да ја види Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ и до 2030 година да биде членка, изјави Ковачевски, на прашање кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив.
Ковачевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по лидерската средба потврдиле дека немаат ништо против уставните измени.
-Во текот на целиот изминат период тие обвинуваа дека со уставните измени и вклучувањето на други делови од народи во нашата Преамбула државата ќе била бугаризирана, асимилирана, ќе сме го изгубеле јазикот, идентитетот. Ние кажувавме и кажуваме дека тоа не точно, меѓутоа сега и ВМРО-ДПМНЕ, потврди на таа прес-конференција дека нема ништо против уставните измени, рече Ковачевски.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, оцени дека лидерската средба беше одличен чекор во вистинска насока и на таа средба се видоа условите и на Владата, односно на СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, и оти во наредните денови може да се поместат позициите, но тоа секако, треба да биде во реални рамки.
Маричиќ, во гостување на телевизија Сител, посочи дека треба да се продолжи од таму каде што застана лидерската средба, но тоа да биде во реални рамки и со разумен разговор.
– Ќе дадеме уште некоја шанса во наредните денови за опозицијата, сепак, да пристапи кон овие разговори за да можеме заеднички да го договориме и спроведеме планот за уставни измени. Доколку тоа не се случи и доколку апелите за разумен дијалог од наша страна не вродат со плод кај ДПМНЕ, ние секако дека ќе тргнеме во разговор со секој пратеник, рече Маричиќ.
Според Маричиќ, предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се движи во нереални рамки и надвор од преговарачката рамка, што значи повторно преговарање на рамката која што е веќе усвоена минатата година.
– Сметам дека е разумно и одговорно, да седнеме, сакаат тимски, сакаат поединечно, сакаат пак лидерска средба и да разговараме таму каде што застана лидерската средба, во наредните денови јас сум сигурен дека може да ги поместиме позициите, но доколку сето тоа биде во реални рамки. Ние може да бараме Бугарија да нема право на вето или да ги смениме правилата во ЕУ, во минатото сме се обидувале да ги смениме правилата во НАТО, не сме успеале и затоа треба да имаме разумен начин на разговор каде заедно ќе ја преземеме одговорноста, ќе ја споделиме одговорноста во таа заедничка влада и ќе им олесниме на граѓаните дека навистина имаме европска перспектива, истакна Маричиќ.
Маричиќ, посочи и дека е несоодветно, да се тврди дека некој може да ни го земе јазикот и идентитетот, нагласувајќи дека постојат силни и јасни гаранции за македонскиот јазик и македонскиот идентитет во ЕУ.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за „Студио 10“ на телевизија 24 изјави дека прават напори да ги започнат уставните измени и оти верува дека постапката во Собранието ќе започне кон крајот на јули.
– Во Собранието има 120 пратеници, не 80. Сметам дека сите тие, со исклучок на двајца пратеници, се за интегрирање на нашата земја во ЕУ, како што беа за во НАТО. Убеден сум дека ако се претстави добро оваа техничка измена во Уставот, би ја прифатиле и граѓаните, а не само пратениците. Ова се само технички амандмани за да го продолжиме европскиот пат на Македонија, изјави Груби.
Груби порача дека е битно тоа што го кажал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски по лидерската средба со премиерот Ковачевски на 7 јуни.
-Седми јуни ќе се памети дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прифатија уставни измени, прифатија Бугарите да се вклучат во Преамбулата и Уставот, прифати да нема предвремени парламентарни избори и се надевам дека сме на нов терен. Охрабрувам да почнеме со постапката и да ги разгледаме предлозите на Работната група, истакна вицепремиерот.
Мицкоски не беше свесен дека го прифативме неговиот предизвик, вели Груби, и уште посочува дека за нив е неважна власта. -Меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе бираме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот. После сите кризи, ова е вистинскиот пат, кажа Груби.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, во интервју за Дојче Веле, вели ВМРО-ДПМНЕ ќе почека уште некој ден за да добие одговор од СДСМ за предлозите што ги изнел на лидерската средба и ако се пропушти оваа шанса ќе стане јасно дека процесот е целосно заглавен, по што единствено логично решение, според него, би биле избори.
-Ние чекаме одговор. Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден. Наместо да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став, вели Мицкоски на новинарско прашање.
Мицкоски додава дека СДСМ е потполно свесна за тоа што тој го понудил на лидерската средба, но, според него, се обидува да манипулира „со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови“. Лидерот на најголемата опозициска партија вели дека она што го понудил на средбата претставува „промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција“.
– Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата. Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО- ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси, вели Мицкоски.
Коментирајќи го ставот на ДУИ дека се согласни да излезат од Владата откако во сила би стапиле уставните измени, како и дека бараат спроведување на ветинг на претседателите, функционерите и пратениците на сите политички партии, Мицкоски вели дека партијата на Али Ахмети не е во позиција да поставува услови и колку побргу замине во опозиција, толку „побргу на Македонија ќе и тргне“.
– Не одлучуваат ДУИ и Али Ахмети дали ДУИ ќе ја напушти Владата. СДСМ треба да се охрабри и да ја прифати подадената рака за преодна влада, вели Мицкоски, додавајќи дека е согласен и на ветинг и доброволно се пријавува прв да биде изложен на проверка во тој процес.
Лидерот на Алијанса за албанците (АА) Арбен Таравари оцени денеска дека условот на македонската опозиција за суспензивни уставни измени е неостварлив, бидејќи е во спротивност со преговарачката рамка на ЕУ. Според него, измените на Уставот треба да стапат во сила најдоцна до моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција.
Конечниот став на АА, нагласи Таравари, ќе биде познат до крајот на неделата, кога ќе се состане партиското раководство. Тој смета дека размената меѓу двете најголеми македонски партии со понуди и контрапонуди за гласање на уставните промени, директно влијае и на интересот на Албанците.
– Алијансата за Албанците внимателно ја анализира новонастанатата состојба и до крајот на неделата ќе одржиме состанок на раководството на партијата по што ќе излеземе со усогласен став во партиските органи, рече Таравари на прес-конференција во седиштето на партискиот огранок во Гостивар, чиј повод, како што беше кажано, се средбата и разговорите што ги водат премиерот Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Гостиварскиот градоначалник и лидер на АА напомена дека една од главните цели во делувањето ќе биде нивното барање за отстранување на 20 проценти кои го негираат албанскиот идентитет и воведување на албанскиот јазик во Уставот, како и дека е дојден момент за таа промена.
Во Германскиот Бундестаг в четврток е најавена расправа и гласање за резолуција за поддршка на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, на македонски јазик и македонскиот идентитет. Резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.
Во германскиот Парламент ќе се дебатира и за други документи во чиј фокус е евроинтергацијата и ситуацијата на Западен Балкан.
Германски пратеници ќе побараат од федералната Влада да постигне на ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување во ЕУ за Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.