Каевски: СДСМ ја охрабрува ДПМНЕ да остане на променетиот став за уставни измени

Во време кога државата се наоѓа пред историска шанса за продолжување на европскиот пат, потребна е одговорност од сите релевантни политички субјекти и парламентарни партии, истакна на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

СДСМ, вели тој, подаде рака кон опозицијата, се случи лидерска средба и се отвори дијалогот.

Она што е најважно, според него, е дека е дојдено до точка каде што од страна на Христијан Мицкоски се прифатени уставните измени и учество во широка Влада.

Сега, како што рече, потребно е дијалогот да продолжи, но да продолжи суштински и наместо преку изјави и прес – конференции, потребно е и ДПМНЕ да формира работна група.

„Нема потреба ниту да се навраќаме наназад ниту да ги толкуваме. Променетиот став е добар за државата и повикуваме да останат на тој став за да продолжи дијалогот што поскоро. Мицкоски и ДПМНЕ цело време, со месеци наназад изјавуваа дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени од народот и дека во овој состав не се можни. СДСМ ја охрабрува ДПМНЕ да остане на променетиот став3, нагласи пратеникот од СДСМ.

„Ги охрабруваме Мицкоски и ДПМНЕ да останат на последниот свој став, да продолжи дијалогот, сите заеднички да ја преземеме одговорноста за сегашните и идните генерации, заедно да ја обезбедиме европската иднина преку полноправно членство во ЕУ, во следните неколку години“, додаде Каевски.

Треба да знаете
Последни објави