Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави денеска дека нема да се двоуми да нареди користење на руско тактичко нуклеарно оружје кое ќе биде распоредено во Белорусија доколку неговата земја стане цел на агресија.
Претходно годинава, рускиот претседател Владимир Путин го објави планираното распоредување на нуклеарно оружје со краток дострел во соседот и сојузник на Русија, Белорусија.
Путин нагласи дека Русија ќе ја задржи контролата врз тоа нуклеарно оружје, но изјавата на Лукашенко е во спротивност со тоа.
„Не дај Боже да ми се наложи да донесам одлука за користење на ова оружје денеска, но нема да има двоумење ако станеме предмет на агресија“, рече Лукашенко, познат по своите остри изјави.
Руските претставници засега не ги коментираа изјавите на Лукашенко.
Белорускиот претседател нагласи дека токму тој побарал од Путин да распореди руско нуклеарно оружје во Белорусија. Според Лукашенко, овој потег бил неопходен за да се одврати евентуална агресија.