Меѓународна конференција за економската и еколошката димензија на ОБСЕ во Струга

Во рамките на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, во Струга (14 јуни 2023) ќе се одржи Меѓународна конференција посветена на економската и еколошката димензија на Организацијата, како една во низата  меѓународни конференции планирани да се одржат до крајот на годината.

Конференцијата се одржува во време на бруталната агресија на Русија врз Украина која, покрај тоа што претставува директно кршење на основните вредности и принципи на Организацијата, едновремено предизвикува и разорни економски последици како и еколошки катастрофи, што е посебно видливо од последниот напад на браната Какховка.

Имајќи ги предвид рефлексиите на актуелната безбедносна криза во ОБСЕ просторот врз глобалните економски текови, конференцијата ќе се фокусира и на изнаоѓање одговори за тешките предизвици од климатските промени, зајакнувањето на отпорноста на енергетската инфраструктура кон природни и катастрофи предизвикани од човечкиот фактор, вклучително и обезбедување стабилна и одржлива енергетска транзиција. Северна Македонија и преку оваа конференција дава придонес кон напорите за економското закрепнување и борбата против климатските промени, како суштински дел од концептот на ОБСЕ за сеопфатната безбедност. Во тој контекст, на Конференцијата ќе се дебатира и за борбата против корупцијата, како  еден од приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

Конференцијата ќе ја отвори Претседавачот со ОБСЕ, Министерот Бујар Османи, а ќе се обратат и Заменик на претседателот на Владата на Северна Македонија за политики за добро владеење – Славица Грковска,  Министерот за економија Крешник Бектеши, Министерската за животна средина и просторно планирање – Каја Шукова, како и Заменик министерот за енергетика на Украина – Јарослав Демченков. 

Воведна сесија на оваа меѓународна конференција ќе биде отворена за претставниците на медиумите.

Треба да знаете
Последни објави