Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, го потпиша Договорот со МГГП С.А. [MGGP S.A.] од Полска, за ново ортофото снимање на земјоделските површини на целата територија на државата
Ортофото картите изработени од новото аерофотограметриско снимање ќе бидат основен извор на геопросторни информации, кои ќе ни ја дадат моменталната слика на терен. Нивното значење е големо, пред се за водење на регистрите во рамки на министерството.
Изготвените ортофото снимки наоѓаат примена и при управувањето и креирањето на земјишната политка во делот на полјоделството, овоштарството и лозарството, потоа управувањето со државното земјоделско земјиште, како и во делот на водостопанството и шумарството. Целта на оваа активност е да бидат изготвени нови дигитални ортофото карти со висока резолуција, кои што понатаму покрај во земјоделството ќе најдат широка примена и во повеќе области како: геодезијата, катастарот, урбанизмот, заштитата на животната средина, кризниот менаџмент, одбраната и во други области каде што се користат геопросторни податоци.
Последото ортофото снимање на целата територија на државата беше извршено во 2017 година преку середства од ИПА ТАИБ националната програма за 2012 година.
„За новото ортофото снимање, кое започнува овој месец и треба да биде завршено до крајот на месец август, зависно од временските услови, во целост се обезбедени средства од националниот буџет на државата, во вкупна вредност од 25,8 милиони денари.Изработката на овие податоци е во согласност со неколку стратешки приоритети на Владата на Република Северна Македонија и е во согласност со новиот модел за субвенционирање, кој ќе биде побрз и поефикасен, со поголема контрола и насочен кон поддршка на вистинските земјоделци. Токму ортофото снимикте се еден од методите кои на Платежната Агенција ќе и помогнат за поголема контрола при процесот за финасиска поддршка во земјоделството” изјави министерот Николовски.
Преку новите ортофото снимки ќе се ажурираат податоците за референтните земјишни парцели, со што точно ќе може да се утврди употребата на земјиштето. Пријавувањето пак за финансиска поддршка ќе се врши само за парцела на која е утврдена употреба за земјоделска дејност со точно утврдена големина. Платежната Агенција има можност уште во процесот за поднесување на барања да врши административни проверки за големината на пријавена површина и кодот на употребата. На тој начин ќе се намали ризикот од пријавување на необработено земјиште.
Она што го очекуваме со изготвувањето на новите ортофото снимки е значително зголемување на ефикасноста при контролата за сите мерки поврзани со површини. Со најновите снимки на земјоделските површини ажурирани ќе бидат и податоците на референтните пацели во СИЗП, со што би се намалиле можните грешки при поденесувањето на барањата по површини, а истовремено би се забрзало и одобрувањето на исплатите кај овие барања.
Новите ортофото снимки се неопходна основа и за надградување на IACS со новиот модул „Мониторинг”, за следење на сите земјишни парцели преку сателитски снимки.
На овој начин нашето земјоделство го усогласуваме до Заедничката земјоделска политика на Европската Унија.