Отворен Иновациски центар на Европскиот институт за иновации и технологии-ЕИТ

Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) денеска отвори заеднички иновациски центар во Скопје, што се очекува во Северна Македонија да ги подигне регионалните иновации на повисоко ниво, а на локалните претприемачи, иноватори и стартапи, да и овозможи поддршка за иновации.

На денешната промоција беше истакнато дека со поврзување на регионалните иноватори и партнери со најголемиот иновациски екосистем во Европа, новиот центар за регионални иновации на ЕИТ, ќе ја зајакне соработката меѓу водечките деловни, образовни и истражувачки организации.  

-Заедницата на ЕИТ би сакала да понуди најдобри шанси за сите европски таленти да придонесат за европските иновации, независно од кој екосистем доаѓаат. Ако талентите доаѓаат од иновативен екосистем кој нуди помалку можности, треба да им понудиме уште поголема поддршка за да се осигураме дека може да успеат, истакна Бенс Хуба, директор на Регионалната мрежа на иновации на ЕИТ.

Според ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, Стратегијата за паметна специјализација на Северна Македонија, која е во фаза на финализирање, треба да обезбеди модерен пристап кон економскиот развој, особено во „паметното“ земјоделство и преработката на храна со висока додадена вредност.

– Подготвени сме да го ставиме на располагање целиот наш капацитет за имплементација на оваа стратегија и да придонесеме не само со нашите научни и истражувачки потенцијали, туку и во поширок општествен контекст. Во таа насока, веќе направивме сериозни чекори за развој на студиски програми и истражувачка инфраструктура кои би придонеле за развој на националните капацитети во спроведувањето на стратегијата, рече ректорот Јанкуловски.

Според потпретседателот Орце Симов, зголемување на бројот на иновации очекуваат и од Сојузот на стопански комори на Македонија.  

-Се надеваме дека во наредниот период, ЕИТ ќе го забрза и зголеми бројот на иновации преку своите активности, со што ќе обезбеди поголема додадена вредност, конкурентност и профитабилност за компаниите во земјава. Очекуваме соработката меѓу деловните субјекти, образовните институции, истражувачките институти и организациите да се зајакне за да се постигнат овие цели. Очекуваме брзо прилагодување на неопходните законодавни регулативи на новонастанатите глобални услови, изјави Симов.

Со одлука на ЕИТ за национален секретар назначен е Александар Стамболиев чија задаче ќе биде да ги води операциите на новиот центар во Скопје.  

Центарот во Северна Македонија е првиот, од регионални центри што се планирани да се отворат во следните три години, во Кипар, Малта, Црна Гора и Украина, беше соопштено на промотивниот настан во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави