Членови на Независниот синдикат за судска служба на Македонија се собраа да искажат револт кон неработењето на Судскиот совет во делот на донесување одлуки што се во согласност со правилникот и во согласност со кој се регулираат додатоците на платата. Тие се одлучија да излезат на штрајк бидејќи повеќе месеци не добиле додатоци од 35 отсто на платата.
„Итно ќе побараме кај претседателот на Судскиот совет да ни се вратат додатоците до 35 % и исто итно да се донесе новиот закон за судска служба, кој веќе една година се одолжува, јас учествувам во тој закон и не гледам карај, така што бараме итно да се донесе новиот закон за судска служба, додатоците да ни се вратат, тие додатоци се од судскиот буџет, не се од Министерство за финансии, бидејќи ние судскиот буџет го полниме со средства од паушали. Бараме итно, како што има 78 % за функционерите, европски плати за нив, да има и за нас“, рече Јасмина Величкова, претседател на судската служба на Македонија.
Челновите на Здружението заедно со Синдикатот се организираа за да го искажат своето незадоволство од неодамнешната одлука на Судскиот совет за одбивање на барањето на Здружението, со која се бараше да ѝ се исплатат најмалку 25 % додатоци на судската служба.
„Во барањето, освен што се одби, беше донесена и одлука со која се одбиваат и додатоците за мај 2023 година. Ова незадоволство го искажуваме затоа што 90 % од вработените во судската служба се на работ на егзистенција. Просечната плата што им се исплаќа на овие лица е 25.000 денари, а кошничката на четиричлено семејство за мај е 50.000 денари. Бараме сите надлежни органи, Судскиот совет, да донесат одлука да се координираат и да ги обезбедат средствата за исплата на најмалку 35 % додатоци на судските службеници до донесување на новиот закон за судска служба“, рече Рената Георгиевска, потпретседател на Здружението за судска администрација.