Александар Сорос (37), син на милијардерот, инвеститор и филантроп Џорџ Сорос (92), го даде своето прво интервју откако ја презеде империјата на неговиот татко вредна 25 милијарди долари.
„Јас сум повеќе политички настроен“, изјави Алекс Сорос за „Волстрит журнал“ во своето прво интервју по неговиот избор, што укажува на неговата намера да ги прошири либералните цели на неговиот татко, пишува „Фокс бизнис“.
Како што изјави, планира да продолжи по стапките на својот татко да ги поддржува левичарските политичари.
„Колку и да сакам да ги држам парите надвор од политиката, се додека другата страна го прави тоа, ќе мораме и ние“, рече тој.
Инаку, Алекс Сорос беше избран за претседател на соросовата непрофитна Фондација Отворено општество, а сега раководи со политичките активности како претседател на Соросовиот супер PAC, кој ги поддржа кампањите за левичарските обвинители и спроведување на законот во претежно демократски американски градови, вклучувајќи го и окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, кој сега го гони Трамп.
Тој неодамна се состана со претставници на администрацијата на Бајден, лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер и шефови на држави, вклучително и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и канадскиот премиер Џастин Трудо. Џорџ Сорос рече дека претходно не сакал едно од неговите деца да ја преземе фондацијата како „принципиелно прашање“, бидејќи смета дека со неа „треба да управува некој што најмногу му одговара“.
„Тој тоа го заслужи“, рече Сорос за својот син Алекс.
Инаку, претходно се веруваше дека наследник на неговиот татко ќе биде постариот полубрат на Алекс, Џонатан Сорос (52), адвокат со финансиско искуство. За разлика од некои од левицата, Алекс Сорос рече дека верува оти слободата на говор станала премногу ограничена на некои колеџ кампуси.
Треба да се напомене дека Фондацијата Отворено општество насочува околу една и пол милијарда долари годишно на организации кои ги поддржуваат човековите права ширум светот. Алекс Сорос е единствениот член на семејството во инвестициската комисија која го надгледува управувањето со Фондот на Сорос.