Законодавниот дом и понатака ќе остане отворен за сите иницијативи за кои ќе процениме дека ќе придонесат за подобрата информираност и добросостојба на граѓаните на Република Северна Македонија, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната Презентација на Националната развојна стратегија 2024-2044.
Преку денешната Презентација на Стратегијата пред потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, претседателите на комисиите, генералната секретарка на Собранието и Службата, како што посочи Џафери, практично се обезбедува инклузивноста на оваа институција во натамошното креирање на Стратегијата.
-Собранието настојува преку сите начини да биде транспарентна институција каде секогаш може да се дебатира на различни нивоа за сите важни државни и општествени прашања и тоа е наша определба како раководство од самиот почеток на конституирањето на последните пратенички состави. Следствено, како претседател на Собранието, давам недвосмислена поддршка за подготовката на овој многу значаен документ за развојот на нашата држава во следните 2 декади, и верувам дека и сите присутни го делат моето мислење и ќе дадат свој личен придонес во натамошната елаборација на истиот, истакна Џафери.
Тој посочи дека инклузивноста на Собранието ќе се реализира преку вклученоста во програмските и проектните активности на Стратегијата од аспект на неговата улога како креатор на политики и носител на одлуки, од една страна, но и заедно, во синергија со сите други политички, но и општествени чинители како академската заедница, граѓанското општество, невладините организации, бизнис секторот, младите, единиците на локалната власт и пошироката јавност, односно граѓаните, преку обезбедување на конкретен придонес во градењето на оваа Стратегија.
-Од аспект на концептот, особено е значајно тоа што Стратегијата не треба да рефлектира крути политички ставови за одредени прашања, туку повеќе е конципирана како документ кој ќе даде размислувања, визии и идеи од пратениците, како претставници на граѓаните, за тоа кои тематски области ќе се анализираат и на кои прашања од интерес и потреба на граѓаните треба да се фокусира Стратегијата. Крајната цел секако е развиена и модерна држава со задоволни граѓани, нагласи претседателот на Собранието.
Тој упати апел до своите колеги, како што рече, во фазите кога ќе се дефинираат темите, претседателите, заменик-претседателите на собраниските комисии во чија надлежност е конкретната тема, како и другите претставници од Собранието, да ја прифатат со сета сериозност обврската да одат на форумите и да ги дадат своите идеи, визии, предлози во име на граѓаните кои ги застапувате, но секако и во свое име.
-Само така, Стратегијата ќе има по сеопфатна визија и граѓански карактер, што е и нејзината основна цел, а Собранието ќе стане на некој начин, и нејзин главен промотор. Искрено, ме радува заинтересираноста на колегите пратеници за Стратегијата. Некои од нив се веќе вклучени и во претходни активности, така што верувам дека ќе имаме плодна дискусија по Презентацијата, рече Џафери.
Презентација на Националната развојна стратегија 2024-2044 е организирана на иницијатива на претставништвата на Програмата за развој на обединетите нации, (UNDP) и Обединетите нации (UN) во Скопје, кои се носители на Националната развојна стратегија 2024-2044 година и со поддршка на амбасадите на Обединетото Кралство и Словачката Република во Република Северна Македонија.