Собраниската Kомисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди и едногласно одлучи дека е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање. Со донесувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди, се предвидува востановување на две нови државни награди, „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“, информираат од Министерството за култура.
– Пред членовите на собраниската Комисија, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска нагласи дека со овој Предлог-закон ќе се овозможи во Република Северна Македонија да се оддава општествено признание на поединци, групи лица, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани, кои со својата активност дале придонес кон промоцијата, заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик, односно да се оддава општествено признание на поединци, групи лица, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани кои со својата активност дале придонес кон промоцијата, заштитата и унапредувањето на албанскиот јазик и албанологијата. Со донесувањето на Предлог-законот ќе се утврди денот кога ќе се доделува државната награда „Блаже Конески“, односно се предлага тоа да биде 19 декември – денот на раѓањето на Блаже Конески, како и денот кога ќе се доделува државната награда „Ремзи Несими“ – 25 декември, денот на раѓањето на Ремзи Несими, појаснуваат од Министерството.
Во согласност со предлогот, додаваат оттаму, „стручните, финансиските и административните работи во врска со доделувањето на наградите „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“ се предлага да ги врши Министерството за образование и наука. Со овој предлог се утврдува дека во текот на една година да може да се доделат најмногу две награди „Блаже Конески“ и најмногу две награди „Ремзи Несими““.
Паричниот износ на наградите се предлага да изнесува пет просечни плати исплатени во Република Северна Македонија во последните три месеци во тековната година.
– Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државните награди е подготвен по доставени иницијатива од Советот за македонски јазик, со која се предлага да се востанови нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања во областа на македонскиот јазик и иницијатива од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, со која се предлага да се востанови уште една нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата во земјава, истакнуваат од Министерството.