Курти: Рама нека му го претстави на Белград нацрт-статутот за Албанците од Прешево

 Косовскиот премиер Албин Курти, во врска со Предлог-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство, што албанскиот премиер Еди Рама им го предаде на францускиот претседател и германскиот канцелар, денеска изјави дека тој документ може да му го претстави на Белград за потребите на Албанците од југот на Србија.

– Не се сомневам дека Еди Рама смета дека неговиот предлог нацрт е добар и затоа предлагам тој нацрт за Албанците во Медвеѓа, Бујановац и Прешево да му го претстави на претседателот на Србија на следниот состанок на Отворен Балкан. Значи, очигледно премиерот Рама смета дека овој модел е вистинскиот и треба да му го претстави овој предлог на Вучиќ, рече Курти на прес-конференција, пренесува Бета.

На прашањето за можна средба на највисоко ниво во рамките на дијалогот Косово-Србија, Курти рече дека сè уште не добил одговор од ЕУ на барањето средбата да се одржи што поскоро.

– Сè уште не сум добил одговор од Жозеп Борел и веруваме дека наскоро ќе одговори на моето барање за серија средби во Брисел. Како и секогаш, јас сум конструктивен и посветен бидејќи верувам дека без интензивирање на дијалогот не можеме да ги спроведеме договорите. Заинтересиран сум за тоа што е можно поскоро да се организира средба во Брисел, затоа и го поднесов барањето, рече Курти.

Треба да знаете
Последни објави