Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со усвојување на Патоказ за Праведна транзиција и воспоставување Структура за водење на процесот на Праведна транзиција во Република Северна Македонија и го усвои Патоказот за Праведна транзиција на Република Северна Македонија.
Владината одлука e во насока на отпочнување со активности кои ќе овозможат соодветно прилагодување на нашата земја и регионите зависни од јаглен, кон новите политики на ЕУ за забрзан зелен раст и транзиција.
Патоказот за Праведна транзиција опфаќа: изнаоѓање алтернативи за конвенционалните извори на енергија (енергетска транзиција) и изнаоѓање алтернативи за вработување на луѓе, особено за оние кои работат во енергетскиот сектор. Ефективната транзиција кон обновливи извори и складирање ќе биде неопходен услов за да може да се премине кон соодветни нови „зелени” работни места.
Министерот за економија е задолжен, преку Секретаријатот за европски прашања, да ја извести Европската комисија и сите меѓународни финансиски институции, за усвоениот Патоказ и за отпочнување на процесот на воспоставување Структура на Праведна транзиција.